РКЕ размислува за нов тарифен модел од 2027 година, подолга дневна евтина тарифа, укинување на ноќната

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) разгледува можни измени на тарифниот модел за електрична енергија, меѓу кои продолжување на евтината дневна тарифа, воведување евтина струја и во сабота, како и преиспитување на сегашната ноќна евтина тарифа.
Како што изјави претседателот на РКЕ, Ацо Ристов, анализите покажуваат дека најниски цени на електричната енергија има во периодот од 11 до 15 часот, кога на пазарот постојат вишоци струја, па се разгледува можноста евтината тарифа да се прошири токму во тие часови.
На маса е и предлогот евтината тарифа да важи и во сабота, покрај недела како што е сега, бидејќи за време на викендите индустриската потрошувачка е значително помала, а на пазарот има повеќе расположлива електрична енергија.
Според Ристов, сегашната ноќна евтина тарифа се преиспитува бидејќи електричната енергија на берзите денес е најскапа токму во вечерните часови кога таа важи.
Конечна одлука сѐ уште нема, а доколку анализите покажат позитивни ефекти, новиот тарифен модел би можел да стапи во сила од 1 јануари 2027 година. Пред тоа ќе се спроведе јавна расправа и консултации со засегнатите страни.




