Skip to main content

Саем за образование 2025 на 15 и 16 март

Целта на едукативниот настан е да се поврзат матурантите и студентите со универзитетите и да се запознаат со можностите за образование, специјализација и професионален развој, како и со академиите за дигитални вештини и компании.
 |  инфодеск  | 

На 15 и 16 март во Скопје Сити Мол ќе се одржи Саем за образование во организација на Скопје Сити Мол и најголемата студентска заедница Студентарија. На Саемот ќе учествуваат 10 универзитети со над 80 факултети од Македонија, како и академии за дигитални вештини и продажба и бројни компании и организации за млади.

Целта на едукативниот настан, како што велат организаторите е да ги поврзе младите – матурантите и студентите со универзитетите, за да се запознаат со можностите за образование, специјализација и професионален развој, како и со академии за дигитални вештини и компании.

„Саемот е единствена можност за средношколците и идни студенти на едно место да се сретнат со претставници на над 80 факултети од Македонија, да дознаат за нивните студиски програми, уписни рокови, можности за стипендии и кариера, животот на кампусите, но и да учествуваат на работилници за кариерно советување и да ги истражат различните образовни и професионални патишта кои ќе ја одредат нивната иднина“, велат организаторите.

За тековните студенти, пак, предвидени се низа панел-дискусии, работилници и презентации кои ќе им помогнат подготвени да излезат на пазарот на труд, а тука се и компаниите кои ќе понудат можности за пракса и вработување, додаваат тие.

Дел од саемот ќе биде и Родителското катче, кое има цел да им обезбеди на родителите и на старателите значајни информации, стратегии и поддршка за тоа како да им помогнат на сопствените деца полесно да ја поминат оваа клучна фаза од своите животи.

Регистрацијата за учество на Саемот е во тек, а сите заинтересирани средношколци, студенти и нивните родители, може да се пријават бесплатно на линкот.