Сакаат да се менаџери а не знаат да говорат
Не сакам да читам. Не сакам да играм игри со зборови, како што се крстозбори, анаграми, ребуси. Пред да почнам да зборувам, не ги слушам зборовите во својата глава. Во разговорите не споменувам работи што сум ги прочитал.
Вака одговориле речиси 90 отсто од околу 7.800 испитани матуранти во земјава што биле дел од проектот за професионално насочување матуранти, организиран од Високата школа за новинарство и за односи со јавноста и на бизнис-академија „Смилевски“ (БАС). Најмалку развиена вештина кај средношколците во завршната година е лингвистичката – резултатите покажале дека тие не се способни да го користат јазикот за усно и писмено искажување.
– Младите не комуницираат. Тоа е исто како на пример кога се договарате за нешто, да велите „во ред“, а кога ќе наидете на пречки откако договорот ќе почне да се реализира, да велите „но јас не мислев така“. Затоа треба младите да се изложат на засилена комуникација за да ја развијат лингвистичката вештина – вели Горазд Смилевски, менаџер на БАС.
Људмил Спасов, професор по македонски јазик на Филолошкиот факултет, вели дека тој не би бил толку строг во оцената дека матурантите се „неписмени“.
– Не е голема неписменоста кај младите, иако има простор на тоа да се работи и да се подобри комуникацијата. Во наставата, сите лингвистички вештини се учат во основно образование. Во средно се учи само литература. Повеќе пати сме барале од Министерството за образование и наука да ја одвои наставата по граматика, но и јавниот настап, есеите од наставата по историја и теорија на литературата. Но ова не се спроведува. Не се децата виновни што немаат добра комуникација – вели професорот Спасов.
Освен ова, резултатите од ова тестирање покажале дека 66 отсто од тестираните матуранти имаат желба за менаџерски и административни позиции, но и за технички и производствени позиции, трговија и продажба. Професии за кои се заинтересирани мнозинството матуранти се менаџерство во мали бизниси, владини служби, полиција, банкарство.
{loadposition content9}