Skip to main content

Здравство

Сали: Никој не е над законот

„Решен сум овој случај да добие разрешница. Никој не е над законот и ова нема да биде заборавен случај, ќе го тераме до крај“, рече министерот за здравство Беким Сали денеска на прес конференција во врска со сомнежите изнесени во истражувачката сторија „Нечиста крв“ на ИРЛ. Тој информираше дека се во тек повеќе инспекциски контроли во клиничката болница „Жан Митрев“.

Во последните 3 години, Државниот сантарен и здравствен инспекторат во Клиничката болница „Жан Митрев“ спровел 3 редовни и 9 вонредни инспекциски надзори, информира министерот за здравство Беким Сали.

Посочи дека се одржува работен состанок во МАЛМЕД со стручната служба и претставници на Клиниката „Жан Митрев“ за изнесените наоди дека се вршени клинички испитувања врз пациенти и дали се вршени согласно важечките прописи. Од стручниот надзор се очекува одговор на прашањето дали методата на хемофилтрација е применувана кај пациентите согласно строгите критериуми, кажа министерот.

„Чувствувам одговорност и случајот мора да добие разрешница. Мора да има систем што функционира и ќе ги штити пациентите. Никој не е над законот, ова нема да биде заборавен случај и ќе го тераме до крај“, рече министерот за здравство Сали.

Можам да потврдам дека во ниедна земја сето тоа што е применето за ковид не е базирано врз докази. Тврдам дека нити една земја не може да потврди дека тоа што го правела за ковид е докажано со медицина на докази. Не бранам никого. Дали може некој да потврди која терапија за ковид била најсоодветна останува на медицината во иднина да докаже која била најуспешна метода – рече министерот за здравство.

Директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат Иринка Сотирова-Бухова информира дека од направените девет вонредни инспекциски надзори во „Жан Митрев“ пет биле за сомнеж за лекување вон протокол, за пациенти починати во установата.

Друг надзор бил за пациентка оперирана од срце, а потоа примена на Клиника за кардиологија каде што и била изолирана бактерија, а друг за пациентка по грешка ставена на список за починати лица – рече Сотирова- Бухова.

Исто така, било доставено и известување од Инстуитут за јавно здравје дека од болницата немаат редовно пријавување на заразни болести, изолирани и починати лица. По укажаните недостатоци, забелешките биле остранети, напомена Сотирова-Бухова.

Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) објави истражувачка сторија за лекување на пациенти од ковид-19 со хемофилтрација и за случаи на починати со интрахоспитални инфекции. Истражувањето на ИРЛ се базира на 24 пријави на граѓани од Македонија и од Косово. Јавното обвинителство отвори предмет за овој случај.