Сѐ е подготвено за овогодинешниот Вевчански карневал
Сѐ е подготвено за овогодинешниот Вевчански карневал кој традиционално ќе се одржи на Василица. Карневалот и годинава ќе биде слика и прилика на се она што се случувало во општествено- политичкиот живот претходната година во Македонија, па и во Европа. Двете василичарски друштва, Горна и Долна маала ќе ги прикажат настаните на еден специфичен начин преку карневалските маски кои тие ги креираат, а Општината ќе се погрижи за забавниот дел, кажа градоначланикот на Вевчани, Спасе Кочовски денеска на прес конференција.
„ Оваа година очекуваме многу гости од Македонија и Европа, членка сме на Европската федерација на карневалски градови, па присутен ќе биде и претседателот на Европската федерација. Во овие два дена Вевчани ќе понуди многу забава, ве поканувам да се растеретите од се што се случуваше минатава година со желба дека ќе влеземе во една многу подобра и попросперитетна година.“ истакна Кочоски.
Вевчанскиот карневал е културна, но, и туристичка актракција која е од големо значање и за Вевчани и за цела Македонија. Со своето илјадагодишно постоење е повеќе од традиција, еден од најавтентичните симболи на нашето културно наследство кое и покрај предизвиците кои ги имаше и недостигот на континуирана поддршка во изминатите години сепак опстојува, кажа на денешната прес-конференцијата министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
„ Наша задача ќе биде да го промовираме Вевчанскиот карневал како национален бренд кој нуди уникатно искуство и кој како спој на културата и туризмот привлекува и ќе привлекува уште поголемо меѓународно внимание и посветеност. Од тие причини заедно со локалните власти и бизнис партнерите работиме на тоа карневалот да го достигне својот полн потенцијал и во меѓународни рамки.“- истакна Љутков.
Покрај дефилето на маски и годинава за посетителите ќе има и богата музичка програма поделена во двата дена на 12-ти и 13 ти јануари со изведувачи за сечиј вкус и сите генерации.
„Првата вечер на сцената ќе настапат три познати уметници, за помладата генерација охриѓанецот Пајак од 19:30 часот, по него од 21 часот настапува бендот „Ареа“, околу 23 часот настап имаат специјалните гости од регионот групата „Забрането пушење“. На 13 јануари по сите карневалски случувања ќе настапат од 19.30 часот еден од најпознатите и најквалитетни етно-поп состави групата „Љубојна“, по нив кралот на македонска фолклорна песна Наум Петрески од 22 часот, потоа оркестарот „Зурли и тапани Вевчани“ кои ќе го означат испраќањето на стариот и почетокот на новиот ден, по нив Перо Бели и Коки Биоритам.“ – кажа Антонио Димитриевски.
Карневалот ќе биде финансиски поддржан од Министерството за култура и туризам, но износот ќе биде познат кога ќе бидат објавени резулатите од конкурсот за финансирање проекти од културата од национален интерес.