Се подготвува есенска, предновогодишна и пролетна кошничка со основни производи со пониски цени
Министерство за економија ги прави последните анализи, пред да и предложи на Владата воведување на така наречена есенска кошничка, со која над 100-тина основни прехрамбени производи ќе имаат пониски цени. Ова денеска го потврди премиерот Христијан Мицкоски.
„Ќе имаме предновогодишна кошничка, есенска кошничка во која ќе има своевиден вид на производи што се најупотребувани во тој период од годината, ќе имаме пролетна, итн. Во зависност од тоа какви се потребите на граѓаните, во зависност од тоа што најмногу се троши ќе го следиме процесот и нема да дозволиме да ни се случи повторно висока стапка на инфлација со што ќе се влијае негативно на стандардот на граѓаните.“ – изјави премиерот.
Во однос на Законот за нефер трговски практики, пак, напомена дека Владата ќе му излезе пресрет на стопанството доколку тоа побара одреден период за прилагодување. Тој, како што рече, не ги добил писмата од коморите во однос на одложување на примената на Законот.
„Од она што можам да го добијам како информација од Стопанската комора е дека таму има, би рекол, своевидно разногласие меѓу трговските синџири, трговците и производителите. Инаку, Законот е тој. Доколку Стопанската комора официјално побара од нас како Влада недела, две, три, пет, колку им се потребни за усогласување, не гледам причина зошто тоа да не се случи. Ние работиме во интерес на бизнисот, интересот на економијата, во интересот на граѓаните и мислам дека тоа го правиме добро досега. Ќе видиме како ќе биде во иднина. Немаме намера да бидеме тврдоглави, ниту на сила да правиме некои работи. Доколку е потребно усогласување што се чекало со години, сега дополнителни две, три, четири недели не гледам причина зошто да не се случи – рече Мицкоски.
Мицкоски истакна дека полека, но сигурно, цените се стабилизираа и стапката на инфлација која на годишно ниво во однос на август минатата година изнесува 2,2%, е добар резултат.