Се санираат штетите од поплавите
Во прилепското село Лажани вчеравечер биле поплавени 50 куќи, а дел од населението било евакуирано по обилните дождови кои наврнаа во областа Пелагонија.
Градоначалникот на општина Долнени, на која и припаѓа селото Лажани, Урим Ибески изјави дека нема повредени, но има евакуирани жители.
Причина е излевањето на реката, која поради невремето, како и несовесното градење и отпадот, поплави голем број куќи – рече Ибески.
Покрај Лажани во општина Долнени, поплавени биле уште неколку села, а Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопшти дека водата во околината почнала да се повлекува. Во Долнени струјата била превентивно исклучена за заштита на луѓето и мрежата.
Силен дожд наврна и во реонот на другите пелагониски општини Битола и Крушево, на југозапад од земјава, а невреме го зафати и градот Виница, на југоисток, каде најмногу наврнаа дожд на метар квадратен – 55 литри, како и Тетово, град на северозапад.
По обилните врнежи од дожд кои вечерва го зафатија Тетово и околината, стигнуваат информации за места погодени од невремето, каде има поплавени подруми, гаражи и куќи, а се излеа и канализација од неколку шахти – соопштија од ЦУК.