Седницата за уставните измени е закажана за 18 август
Седницата за потребата од уставните измени е закажана за 18 август, соопшти кабинетот на претседателот на Собранието, Талат Џафери.
„Согласно Уставот и Деловникот, претседателот веќе ја закажа пленарната седница за 18 август во 11.00 часот. Пред да се разгледа Предлогот на пленарна седница, согласно прописите, Предлогот ќе го разгледа Комисијата за уставни прашања, чиј претседател е претседателот Џафери“ Седница на Комисијата за уставни прашања е закажана за 25 јули во 10:00 часот.
Предходно Владата го разгледа и усвои текстот на предлогот за пристапување кон измена на Уставот по што веднаш, уште истиот ден, вторникот попладне, предлогот бил доставен до македонското собрание со што почнуваат на течат роковите во однос на натамошната постапка околу прашањето на уставните измени.
Одлуката за пристапување кон измена на Уставот, Собранието ја донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Измените се однесуваат на додавање делови од народи во Преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот, при набројувањето на деловите од народи во нашата држава.
„ Односно во формулацијата: „Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“, по зборот бошњачки народ се става запирка и се додава: бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и еѓипќанскиот народ“ – соопштија од Владата.
Доколку, со двотретинско мнозинство, се усвои потребата за донесување на уставни измени, Собранието усвојува Заклучок и го праќа до Владата со утврден рок во кој Владата треба да изготви текст на нацрт амандманите на Уставот, кој го доставува до претседателот на Собранието, по што Собранието ќе расправа по нив.
Од Собранието потсетуваат дека работата на Комисијата за уставни прашања и пленарната седница ќе бидат пренесувани во живо на Собранискиот ТВ канал и граѓаните ќе имаат постојан увид во работата на Парламентот.