Седум години од Преспанскиот договор

На 17 јуни 2018 година, пред точно седум години, во малото село Нивици (Псарадес) на брегот на Преспанското Езеро од грчка страна, Скопје и Атина го потпишаа Договорот од Преспа со кој се затвори долгогодишниот спор меѓу двете држави. Република Македонија го смени името во Република Северна Македонија, Грција призна македонски јазик и македонска националност, земјата стана членка на НАТО, а се интензивираше и билатералната соработка со Грција, информираше дописничката на МИА од Атина.
Договорот беше постигнат во период кога кај јужниот сосед на власт беше СИРИЗА, кај нас СДСМ и го потпишаа тогашните министри за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас, а во присуство на тогашните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас, посредникот во преговорите Метју Нимиц, поранешниот еврокомесар за проширување Јоханес Хан, поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и други високи меѓународни претставници, како и претставници на двете земји.
Договорот стапи во сила на 12-ти февруари 2019 година.
Согласно договореното, Република Македонија се преименуваше во Република Северна Македонија, државјанството е македонско/државјанин на Република Северна Македонија, а јазикот македонски.