Сет мерки за намалена потрошувачка на енергија
Со препораки за домаќинствата и компаниите и со конкретни задолженија и санкции за институциите владата сака да се достигне 15 процентното намалување на потрошувачката на енергија. Владините мерки за намалување на потрошувачката на електрична и топлинска енергија доаѓаат како последица на прогнозите дека ќе преживееме една од најтешките зими на енергетски план кажа на денешната пресконференција министерот за економија Крешник Бектеши.
„Со цел полесно справување со периодот кој не очекува и непречено снабдување електрична енергија и нејзино ефикасно искористување а со тоа и пониски сметки за струја Министерството за економија подготви план. Препораките и задолженијата се поделени во повеќе категории пред се во зависност од тоа дали се работи за домаќинства, компании или простории на јавни објекти во сопственост на државата.“, вели министерот Бектеши.
Да не се користи осветлување во јавните објекти во период кога има доволно дневна светлина, во сезоната на ладење температурата на климатизерите да биде 27 степени, а во сезона на греење не повисоко од 20 степени, намалување на осветлувањето на улиците, патиштата, плоштадите на минимум, печатење само на оние документи кои се потребни и онолку копии колку што се неопходни, да се исклучуваат сите компјутери по завршување на работата, ова се дел од задолженијата за институциите. Исклучување на декоративното осветлување на фасадите на сите објекти и културни споменици, намалување до минимален сигурносен обем на осветлување на улици плоштади и други објекти, се препораки до локалните самоуправи.
„Целта која треба да се постигне е намалување на потрошувачката на енергија за 15 % споредено со истиот месец од претходната година. Доколку не се постигне оваа цел, согласно етички кодекс и уредби на владата ќе следуваат санкции за сите раководители на институции предвидени со посебна одлука и заклучок на владата.“, потенцира Бектеши.
За реализација на овие задолженија сите институции на централно ниво и државни претпријатија треба да определат лица кои ќе се грижат за намалување на потрошувачката на енергија кои ќе вршат контрола. Раководителите исто така секој месец задолжително да доставуваат извештаи до генералниот секретаријат на владата за поторошувачката на енергија за претходниот и за споредбите со истиот месец во изминатата година. За домаќинствата ќе има само препораки за намалување на потрошувачката на енергија кои ќе бидат објавени на веб страницата на министерството. Овие задолженија ќе бидат на сила од 1 септември до 31 март 2023 година.