Од денеска почнала доставата на учебниците за шесто одделение. Министерот за образование, Јетон Шаќири денеска изјави дека очекува до петок да бидат доставени сите учебници. Ако е потребно, министерот посочи дека ќе побара од економскиот оператор да врши достава и за време на викендот.
Тој нагласи дека веќе претходно информирал дека учениците ќе ги добијат учебниците кон крајот на септември и почетокот на октомври.
Министерот не прецизираше колку од учебниците ќе добијат шестоодделенците, а без учебници годината ја почнаа и третоодделенците.
„Секој одобрен учебник доаѓа од Националната комисија за учебници. Доколку постои задоцнување на доставата од страна на МОН, одговорноста е на министерот. Сите учебници што се одобрени, веднаш се издадени со договор за нивно печатење. Тоа што за одредени учебници има жалбени постапки, не зависи од министерот.“ – рече Шаќири.