Д-р Шокаровски: Воведена нова метода на државна кардиохирургија, за прв пат во регионот
На државната Клиника за кардиохирургија за прв пат во регионот започна да се спроведува ендоваскуларна метода за третман на пациентите со заболувања на крвните садови кои не се кандидати за конвенционален хируршки третман. Методата се состои во имплементација на стент на лакот на аортата, за болест која што се нарекува аневризма на аорта. Се работи за многу сериозна болест со многу висока смртност, доколку не се лекува.
“Станува збор за воведување на една нова метода, ендоваскуларна, која за прв пат се воведува во регионот и пошироко и која на многу полесен начин ќе го овозможи третманот на пациентите кои се во потешка здравствена состојба. Се изведува со полесна анестезија и престојот во болница е пократок.” – изјави директорот на Универзитетската клиника за државна кардиохирургија, Д-р Марјан Шокаровски.
Методата која се практикува кај пациенти кои што имаат многу висок ризик од операција, се покажа како успешна кај првиот пациент кај кој таа се изведе и тој по 4 дена беше пуштен на домашно лекување.
Од Министерството за здравство упатија честитки за тимот од Клиниката за кардиохирургија за успешното воведување на оваа нова метода која претставува сериозен чекор за доближување на нашето здравство до најсовремените светски практики.