Синодот ќе одлучува за обединување на МПЦ-ОА со ПОА на Вранишковски
Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА денеска треба да одржи седница на која се очекува да биде донесена одлука за обединување со ПОА (Православна Охридска Архиепископија). Со тоа треба да се финализира договорот меѓу МПЦ-ОА и СПЦ, со кој беше обезбедена согласноста на Српската црква за автокефалност на МПЦ-ОА.
Порталот Религија.мк вчера објави дека постои начелен договор со СПЦ околу тоа како да бидат интегрирани владиците на ПОА и кои епархии ќе им бидат дадени.
Порталот пишува дека од добро упатени извори дознава дека сите четворица владици на ПОА ќе добијат епархии, кои ќе бидат создадени со прераспределба на постоечките што ги има МПЦ-ОА.
Заокружувањето на процесот на интеграција би значел обединување на ПОА со МПЦ-ОА како единствена македонска автокефална црква.