Skip to main content

Сите го чекаат „гласникот“ Хан

Утрешната посета на еврокомесарот за проширување треба да даде одговори на неколку прашања за излезот од политичката криза, пишува „Утрински весник“.

han

Утрешната посета на еврокомесарот за проширување треба да даде одговори на неколку прашања за излезот од политичката криза, пишува „Утрински весник“.

hanДо посетата на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, со која ќе финишира исклучително значајната седмица за натамошниот развој на процесот за излез од политичката криза, остануваат уште 24 часа. Дотогаш, по се’ изгледа, ќе останат да висат двете прашања на кои директен одговор не даде ниту посетата на европарламентарната трио: Вајгл, Кукан, Ховит – дали премиерот Никола Груевски ќе ја депонира својата оставка за да може утре да се избере техничка влада, како што предвидува договорот од Пржино и дали ќе има избори на 24 април. Она што и понатаму останува енигма е и кој би бил премиер на техничката влада ако, сепак, премиерот Груевски се повлече.

Она што, пак, е јасно е дека ќе има засилен притисок од САД и ЕУ, со цел да се имплементира договорот во целост. Поранешниот известувач за Македонија, Ричард Ховит, во интервју за телевизија Телма го релативизираше значењето на датумот на повлекувањето на премиерот, велејќи дека не е толку важно дали тој чин ќе се случи денеска, утре или в понеделник, што автоматски, како што додаде, би повлекло со себе и одложување на изборите, со оглед на тоа што новата влада треба да биде избрана 100 дена пред новиот изборен датум.

„Главното прашање за мене е дали оваа земја ќе стане демократска, дали гласачите ќе имаат вистински избор. Сеедно е дали датумот ќе биде 24 април или некој друг, како што се предлага во некои медиуми или некои изјави во јавноста. Тоа е само еден елемент од договорот. Поентата на предвремените избори е да се обезбеди кредибилен и демократски избор, што не беше случај во минатото. Датумот е само еден елемент од договорот и тука сме да ги разгледаме сите аспекти на договорот“, рече Ховит.

Во договорот од Пржино децидно стои дека актуелната Влада ќе ја поднесе својата официјална оставка до Собранието во догледно време за новата влада да биде инаугурирана на 15 јануари 2016 година, 100 дена пред парламентарните избори кои треба да се одржат на 24 април.

Партиите засега не ги откриваат своите наредни потези. До затворањето на весникот немаше одговор од ВМРО-ДПМНЕ дали премиерот ќе поднесе оставка пред доаѓањето на Хан. За владејачката партија и натаму останува 24 април како важен дел од договорот. На иста линија е и коалицискиот партнер во Владата – ДУИ. Министерот за економија Бекир Незири вели дека партијата е подготвена за изборите на 24 април и очекува да победи. Според него, немало неправилности на минатите изборни циклуси, но доколку постоеле, тој ја повика полицијата да ги расчисти.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, пак, смета дека во моментов нема услови за фер избори. Ставајќи ја посетата на Хан во контекст со демисионирањето на премиерот Заев вели дека „таа е задоцнета“. Според него, не може Груевски да се повлече на 15 јануари и истиот ден да се избере нов премиер.