Skip to main content

Силно невреме го погоди Скопје: Пороен дожд, силен ветер и материјални штети во повеќе населби

Според прогнозите на УХМР, нестабилното време ќе продолжи и во наредните денови, со можност за нови поројни дождови, грмежи, силен ветер и локална појава на град, додека кон крајот на работната недела се очекува и пад на температурите.
 |  инфодеск  | 

Силно невреме проследено со пороен дожд, грмежи и силен ветер попладнево го зафати Скопје, предизвикувајќи проблеми во сообраќајот и материјални штети во повеќе делови од градот.

За кратко време наврна големо количество дожд, а силните налети на ветерот соборуваа дрвја и кршеа гранки, додека на повеќе локации беа пријавени оштетувања на покривни конструкции, фасади и паркирани возила. Во одредени населби беа забележани и локални поплавувања на улици и подвозници, што дополнително го отежна движењето на граѓаните и сообраќајот.

Уште пред невремето, Управата за хидрометеоролошки работи предупреди дека во попладневните часови се очекува локална нестабилност со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и можност за појава на град. Поради најавите, Град Скопје формира кризен штаб и ги мобилизираше службите, кои претходно ги расчистуваа сливниците и шахтите за да се намали ризикот од поплавување.

Надлежните служби интервенираат на терен за расчистување на паднатите дрвја и отстранување на последиците од невремето, а граѓаните се повикуваат да бидат внимателни, да избегнуваат движење во близина на оштетени дрвја и електрични водови и да ги следат препораките на институциите. Центарот за управување со кризи објави дека повеќе од 1.000 повици од граѓани се евидентирани на Единствениот број за итни повици 112.

Според прогнозите на УХМР, нестабилното време ќе продолжи и во наредните денови, со можност за нови поројни дождови, грмежи, силен ветер и локална појава на град, додека кон крајот на работната недела се очекува и пад на температурите.

ФОТО: МИА