Слобода на движење со лични карти и признавање дипломи и квалификации
Пратениците на на 111-та седница ги ратификуваа договорите за меѓусебно признавање на личните карти, за признавање на универзитетските дипломи и за признавање на професионалните квалификации на лекарите по медицина, дентална медицина и архитектите во рамки на земјите од Западен Балкан.
Матичните комисии не доставиле дополнет предлог во контекст на законите, па пратениците без расправа ги изгласаа предлог-законите за ратификација на:
Договорот за слобода на движење со лични карти во Западен Балкан;
Договорот за признавање на високообразовните квалификации во Западен Балкан и
Договорот за признавање на професионалните квалификации на докторите по медицина, докторите по дентална медицина и архитектите во контекст на Централно-европскиот Договор за слободна трговија.
Договорот за признавање на личните карти ги олеснува условите за патување со поедноставување на административните процедури за влез, транзит и краток престој само со лична карта, обезбедува еднаков третман за сите граѓани од регионот и ги укинува сите постоечки визи во Западен Балкан.
Со договорот за признавање на универзитетските дипломи се воспоставуваат заеднички правила и процедури за признавање на високообразовните квалификации, се овозможува мобилност на студентите и академскиот кадар на Западен Балкан, се скратува периодот за донесување одлука за признавање на најмногу 14 дена и се укинуваат постојните давачки за студенти за поднесување барања за признавање на високообразовните квалификации. Овој договор се однесува на државните универзитети и постепено ќе се проширува и на приватните.
Договорот за признавање на професионалните квалификации го олеснува движењето на професионалците низ регионот и овозможува обезбедување услуги на лекари, стоматолози и архитекти во Западен Балкан. Овој документ создава и основа за преговори за преостанатите четири регулирани професии, акушерки, медицински сестри, фармацевти и ветеринарни хирурзи, во наредниот период.
Овие договори беа потпишани на самитот на Берлинскиот процес во ноември минатата година од страна на премиерите на Северна Македонија, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора.