Сложни попови (пратеници) и во петок мрсат

Народните избраници не го прифатија предлогот за намалување на патните трошоци за пратениците, односно тој не успеа да биде ниту ставен на дневен ред. Инаку, предлогот кој беше поднесен од партијата Левица, предвидуваше патните трошоци да се пресметуваат спрема пазарната цена на 6.5 литри на секои 100 изминати километри. За предлогот гласаа 23 пратеници од Левица и од СДСМ, еден пратеник од ДУИ гласаше против, а пратениците од владејачкото мнозинство воопшто не гласаа. Имаше 1 против, немаше воздржани, иако во Собранието имаше 100 присутни пратеници.
Одбивањето на овој предлог да биде ставен на дневен ред, значи дека останува на сила актуелниот Закон за пратеници, кој предвидува надоместок за користење автомобил во лична сопственост за службени цели во висина од 20 отсто од продажната цена на еден литар гориво, според изминат километар. Според математиките, тоа значи дека за секои извозени 100 километри, на пратениците им следуваат 1.700 денари, плус патарини.
Партијата Левица соопшти дека наредната недела ќе поднесат предлог за измени во Законот за работни односи и враќање на патните трошоци кои работодавачите ќе бидат обврзани да им ги исплатат на работниците, стоејќи на ставот дека доколку можат да се обезбедат патни трошоци за функционерите и пратениците, тогаш можат да се обезбедат и патни трошоци за работниците.
Според пратеничката од Левица, Јована Мојсоска, “во овие суми не се вметнати трошоците за кирии за пратениците, од кои повеќето имаат станови во Скопје, додека наплаќаат кирии од државата“. Покрај “кражбата“ со патните трошоци, пратениците дополнително ја злоупотребуваат и можноста за наплата на кирии од буџетот за станови во Скопје кои се во сопственост на самите пратеници. ДКСК во 2020 година објави дека иако 23 пратеници имале сопствени станови или станови на име на членови од нивното потесно семејство во Скопје, и покрај тоа примале надоместоци за користење автомобил за доаѓање и враќање на работа, односно за патување до Скопје и назад.
Инаку, за само 14 години се одлеале 6,5 милиони евра за патни трошоци на избраниците на народот.
Latest Македонија
