Skip to main content

До стартот на кампањата за локалните избори да се брендираат сите службени возила со посебни таблици

Од денеска официјално започнува примената на посебните регистарски таблици за службените возила. Предвидено е до стартот на кампањата за локалните избори да се брендираат сите возила кои што се во сопственост на државата, како што се владините возила, општинските возила, возилата на Јавните претпријатија. Очекувањата се со ова да се стави крај на злоупотребата на службени возила за приватни и партиски цели. Станува збор за околу седум и пол илјади возила. Точната бројка и видот на возила со кои располага државата ќе се знае до крајот на годинава бидејќи МВР презело обврска да направи детален регистар на службени возила.
 |  инфодеск  | 

Денеска беше означен почетокот на примена на новите службени регистарски таблици. До почеток на кампањата за локални избори сите службени возила и возила во сопственост на државата треба да бидат брендирани со препознатливи црвено жолти таблички. Станува збор за владините возила, општинските возила, возилата на Јавните претпријатија, на агенции, институции, управи и др. Намерата е да се стави крај на можноста за нивна злоупотреба за приватни и партиски цели.

Новите таблици денеска ги промовираа Ивица Томовски, Директор на Службата за општи и заеднички работи и Александар Јанев, Директор на Бирото за јавна безбедност.

Дадени се насоки на сите институции да започнат со промена на таблиците, кажа Директорот на СОЗР, Томовски и нагласи дека оваа иницијатива е со цел воспоставување транспарентност и дисциплина во користењето на државните возила.

„Имаат рок до 15 септември да бидат брендирани сите возила. Доколку тоа не се направи, рокот се продолжува до 29 септември, до почетокот на кампањата за локалнитe избори сите службени државни возила да бидат брендирани. Во спротивно, при следната регистрација институциите задолжително ќе ги добијат овие таблици.” изјави Томовски.

Правилникот не предвидува казни, рече Томовски, но изрази уверување дека сите ќе одговорат на повикот и дека сите службени возила ќе бидат пријавени и брендирани.

„Тука сте медиумите, тука сме инстититуциите да дадеме со какви возила располага државата, тука е Антикорупциска која веќе има некаков регистар. Да оставиме простор до крајот на неделава, чинам дека сите институции ќе одговорат.“ – изјави Томовски.

Директорот на Управата за јавна безбедност, Александар Јанев, ја поздрави одлуката и истакна дека ќе придонесе за зголемување на институционалниот интегритет и за поефикасна контрола врз користењето на државните ресурси.

„По 34 години независност и по бројните забелешки содржани во извештаите на ОБСЕ и ОДИХР, дека неаме одвојување на државбни ресурси во предизборие и во тек на изборни кампањи, прв пат оваа администрација покажа желба и волја да се стават работите во линија. Да бидеме транспарентни, отчетни, а сите ние како граѓани , и вие медиумите , да се знае кое возило и кој државен ресурс се користи за партиски цели. Прв пат се прави исчекор во одвојување на државата од партијата.“ – рече Јанев.

Одлуката за оваа новина беше донесена на владината седница на 29 јули, а први чии возила веќе се брендирани се на Дирекцијата за Технолошко индустриски развојни зони ТИРЗ, Агенцијата за храна и ветеринарство и Царинската управа. Околу 7.000 до 7.500 е проценката на бројот на службени возила. Точната бројка и видот на возила со кои располага државата ќе се знае до крајот на годинава бидејќи МВР презело обврска да направи детален регистар на службени возила.