Собранието ја констатираше оставката на Илире Даути
Илире Даути, пратеничката и претседателка на Комисијата за социјална политика, денеска поднесе оставка. Пред да ја образложи оставката, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ ја напуштија собраниската сала.
– Ако живеевме во нормална држава, тогаш ова седница немаше да се одвива и јас немаше да имам потреба да земам збор. Ова е врвот на срамот што се случил во Собранието и е директна закана кон еден избраник од граѓаните, како и држење под контрола на истиот. Моето дејствие за ставање на Законот за бранители е врз основа на членот 3, кој подразбира дополнителни услови како да дејствуваат институциите. Нема да прифатам различни услови на дејствување надвор од Деловникот. Избирам да дејствувам слободно, без условувања и да ги заштитам вредностите на демократијата и слободата. Така дејствував и кога го донесовме Законот за државјанство, кога искористувајќи ги сите механизми, го одблокиравме и донесовме законот, рече Даути.
Откако собранискиот спикер рече дека за него е затворено прашањето за претседателката на Комисијата за социјална политика, на која ѝ беше изгласана интерпелација зашто го прекршила Деловникот за работа на законодавниот дом, партиите притискаа за нејзино разрешување.
Интерпелација за Даути поднесе пратеничката група на Левица бидејќи таа како претседателка на комисија одбиваше да го стави на дневен ред Законот за бранители. Интерпелација беше изгласана со поддршка и од ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ. Албанските партии гласаа „против“, додека СДСМ ја напушти седницата, која се одржа на 10 јануари.
Фото: Слободен печат