Социјалната работа и политика во време на глобални кризи
Oд денес па се до 22-ри септември во Охрид ќе се одржи меѓународна конференција на тема “Социјалната работа и социјалната политика во време на глобални кризи“. Повеќе од 130 учесници од земјата и странство ќе промовираат и дискутираат истражувања, практики и политики поврзани со теми кои се занимаваат со прашањето на глобалните кризи од различни перспективи релевантни за социјалната работа и социјалната политика.
Трудовите и излагањата се контекстуализирани во неколку домени на анализа, вклучувајќи: Одговори на социјалните држави и социјалните политики на глобалните кризи; Социјалните услуги во контекст на повеќекратни кризи; Глобалните кризи и човековите права; Влијанието на глобалните кризи врз социјално ранливи лица, како: мигранти, бегалци, жртви на семејно насилство, невработени итн. Влијанието на глобалните кризи врз социјалната заштита, детската заштита, вработувањето, образованието и здравјето, како и Иновации во истражувањата, образованието и стручната пракса за социјалната работа и социјалната политика.
Конференцијата е под покровителство на Претседателот на Република Северна Македонија и се организира во партнерство со Министерството за труд и социјална политика, УНИЦЕФ, Фондацијата „Фридрих Еберт“, како и Федералното министерство за социјални прашања на Австрија.