Skip to main content

Спорот со името мора да се реши

Македонија мора да го реши проблемот со името доколку сака да биде дел од ЕУ и НАТО.

Ufe Eleman Jansen
Уфе Елеман Јансен

Македонија мора да го реши проблемот со името доколку сака да биде дел од ЕУ и НАТО, порача поранешниот дански министер за надворешни работи Уфе Елеман Јенсен, кому денеска во Скопје македонскиот претседател Ѓорге Иванов му го врачи орденот „8 Септември“, највисоко одличје на Република Македонија.

– Ќе ве држат далеку од структурите во кои сакате да влезете се додека не се реши прашањето за името. Тоа е неправедно, несфатливо и се коси со здравиот разум и заедничките европски и атлантски интереси, но така стојат работите и тоа е животна вистина, рече Јенсен.
Овој спор, којшто според него, стана цврст и нераскинлив јазол може да се реши со компромис до кој може да се дојде на два начина.

– Александар Велики нашол многу делотворен начин да го реши Гордиевиот јазол. Се надевам, сите се согласуваме дека методот на Александар нема ни да не приближи до решение за проблемот со кој се соочуваме. Овој проблем треба да се реши со компромис каде сите засегнати страни ќе мрднат од своите ставови. Најдоброто решние секогаш е она со кое обете страни се задоволни. Но, досега тоа не беше возможно. Тогаш, второто најдобро решение веројатно е компромис со кој обете страни ќе се малку незадоволни затоа што за решението да биде одржливо не смее да има ни победници ниту губитници, рече поранешниот шеф на данската дипломатија Јенсен.

znameСпоред него, Македонија како мала земја со мултиетнички состав најделотворно ќе се справи со предизвиците кои и претстојат ако добие можност да се приклучи на ЕУ и НАТО заедно со останатите европски демократии. – Тое е во интерес и на Европа, а таа можност земјата треба да ја добие што поскоро и без одложување, рече Јенсен посочувајќи на нејзината ранливост поради можноста од претворање на економската во политчка криза.

Тој предупреди дека времето истекува и оти цената за брањето на ставовите што Македонија ги смета за праведни и разумни може, како што вели, да ги надмине придобивките од завршувањето на ќор-сокакот и започнувањето на процесот за влегување во ЕУ и НАТО. – Штом влезете ќе бидете во многу подобра позиција да ги одбраните своите интереси, рече Јенсен заблагодарувајќи се за високото одличје.
Претседателот Ѓорге Иванов во своето обраќање истакна дека со доделувањето на орденот „8 Септември“ на Јенсен му се оддава признание на еден голем и потврден пријател на Македонија за неговиот личен придонес за воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу Македонија и Кралството Данска, како и за континуираната поддршка за Република Македонија од нејзината независност до денес.
Тој при тоа се осврна на повеќе коментари на Јенсен публикувани во угледни дански и европски весници од времето кога беше претседавач на Советот на министри на ЕУ во 1993 година и шеф на данската дипломатија, но и подоцна како претседател на данската Либерална партија и на европските либерали, со кои се дава недвосмислена поддршка на Македонија и нејзиното меѓународно етаблирање. Шефот на македонската држава потсети и на колумната на Јенсен, објавена во еден од најугледните дански весници, спроти одржувањето на Самитот на НАТО во Букурешт, во која тој го оцени како неприфатливо и разгалено однесувањето на Грција по повод нејзините закани за блокада на зачленувањето на Македонија во Алијансата. Во друга колумна тој ќе напише:„Само твоето име е мојот непријател. Така Јулија му вели на својот Ромео и продолжува, што е едно име. Тој цвет што го нарекуваме ружа исто така убаво мириса и да се вика со друго име. Би сакал ова да може да ги инспирира тие таму долу каде што е колевката на демократијата“.

– Иако живеете толку далеку од Балканот вие ја чувствувате и ја споделуваате со нас неправдата што ни е нанесена. За мене како и за вас не постојат никакви дилеми за тоа каде Република Македонија оди и каде припаѓа. На Македонија соочена со вакви апсурдности и нелогичности и непринципиелности отсекогаш и требале луѓе со визии, истакна Иванов, заблагодарувајќи се на Јенсен, кој, како што вели, во континуитет помага и стои на страната на вистината.

Уфе Елеман Јенсен од 1982 до 1993 година ја извршуваше функцијата министер за надворешни работи на Кралството Данска и се смета за креатор на данската надворешна политика, позната како „Елеман Јенсен доктрина“. Од 1984 до 1998 година беше претседател на Данската либерална партија, а претседател на Европските либерали од 1995 до 2000 година. За време на неговиот мандат како шеф на данската дипломатија во декевмри 1993 година Данска ја призна Република Македонија и двете држави воспоставија дипломатски односи.

Текстот е преземен од Миа:

http://www.mia.mk/default.aspx?vId=71497478&lId=1

{loadposition content}