Спречен обид за криумчарење на две илјади вијали со раствор за венскa инјекција при магнетна резонанца

Од Царинската управа информираат дека нивниот мобилен тим од Одделението за оперативни работи на граничниот премин Деве Баир спречил обид за криумчарење на две илјади парчиња вијали со медицински раствор „Гадонанс“, кои косовски државјанин, возач на товарно моторно возило, сакал да ги криумчари криејќи ги во кабината на возилото.
-Со оваа акција Царинската управа јасно ги покажува своите напори кон заштита на здравјето на граѓаните, спречувајќи небезбедни медицински препарати да стигнат до нив. Вијалите се запленети, а против сторителот од страна на Одделението за истраги е поднесена кривична пријава за сторено кривично дело криумчарење, казниво согласно Кривичниот законик, се вели во соопштението од Царинската управа.
Од таму додаваат дека сторителот, кој е косовски државјанин, е вработен како возач во косовска транспортна компанија и вршел транспорт на алуминиумски профили на релација Турција – Косово.


Инаку, вијалите, вкупно две илјади парчиња, биле спакувани во папки и кеси, во рефусна состојба и без оригиналното пакување, а се пронајдени на различни места во кабината на возилото – во горниот кревет, во фабричката шуплина, во просторот над возачкото седиште, како и во личниот багаж пронајден во долниот кревет.
-Апелираме дека секој обид за загрозување на безбедноста на граѓаните ќе биде најстрого санкциониран. Медицинските препарати, во случајот вијали со раствор „Гадонанс 7.5 мл“ кој се инјектира венски при магнетна резонанца, подлежат на задолжителни дозволи за увоз, како и на строго пропишани температурни и безбедносни услови за чување и транспорт, стои во соопштението од управата.
Годинава Царинска управа спречи 13 обиди за криумчарење и заплени вкупно 29 илјади парчиња лекови и медицински препарати.






