Средба Милошоски-Клинтон
Министерот за надворешни работи Антонио Милошоски на маргините на Меѓународната конференција за Авганистан во Лондон се сретна со американскиот државен секретар Хилари Клинтон.
На кусата блиц – средба Милошоски и Клинтон дискутирале за придонесот на Република Македонија во ИСАФ Мисијата на НАТО во Авганистан, а размениле и мислења за разговорите помеѓу Македонија и Грција во врска со билатералниот спор околу името.
Попладнево во Лондон се очекува министерот Милошоски да оствари средба со алтернативниот министер за надворешни работи на Грција Димитрис Друцас на која ќе се разговара за прашањето за името. Двајцата ќе разговараат и за иницијативата за отворање нов граничен премин кај Маркова нога, за укинување на двојното оданочување, како и за подигнување на нивото на канцелариите за врски во амбасади во Скопје и Атина.
Претходно, шефот на македонската дипломатија оствари билатерални средби со неговите колеги од Италија, Унгарија и Нов Зеланд, Франко Фратини, Петер Балац и Мареј Мекали. Милошоски се сретнал и со министерот за надворешни работи на Финска Каи Горан Александар со кој е договорена негова посета на Република Македонија на 2 февруари.
Република Македонија ќе продолжи да дава придонес кон меѓународните напори за стабилизација и развојот на Авганистан и во иднина, нагласи министерот за надворешни работи Антонио Милошоски, во своето обраќање пред шефовите на дипломатиите на над 70 земји кои учествуваат на оваа конференција и најави дека земјата годинава ќе го зголеми учеството во Мисијата ИСАФ со нови 80 војници.
{loadposition content9}