Skip to main content

ссм

ССМ денеска ја блокира Стопанската комора

Сојузот на синдикати на Македонија денеска напладне ќе ја спроведе втората од трите најавени блокади, со барање минималната плата да се зголеми на 600 евра, а останатите плати да пораснат за 6.000 денари.
 |  инфодеск  | 

Денеска со почеток од 12.00 часот од страна на Сојузот на синдикати на Македонија ќе биде одржан протест пред Стопанска Комора на Р.С. Македонија на ул.„Димитрие Чуповски “ и ул.„Даме Груев“.

Блокадата на Комората е поради, како што велат од ССМ, тоа што работодавачите не сакаат да ги зголемат платите на работниците кои барајќи подобра егзистенција бегаат надвор од државава. 

– Повторно ќе бидеме 21 претставник на Синдикатот, онолку колку што е потребно во согласност со законскиот минимум за да излеземе на улица и да блокираме. Пред Стопанската комора ќе блокираме газди што ги блокираат работниците 36 години. Газди што одбија до крајот на минатата година да ги зголемат работничките плати и да ја зголемат минималната плата, а кукаат дека квалификуваните работници заминуваат од Македонија и дека не може да ги задржат. Ќе блокираме газди што се исплашија од нападите на Владата и од политичките партии, изјави вчера претседателот на ССМ Слободан Трендафилов, додавајќи дека секој може да се приклучи на блокадата.

Последна ќе биде блокирана Владата следниот вторник, по што од ССМ најавуваат уште еден протест и организирање на генерален штрајк ако сите овие активности не дадат резултат.

Од ССМ бараат зголемување на платите поради растот на животните трошоци и растот на синдикалната потрошувачка кошничка која во јануари е зголемена за околу 900 денари во однос на декември. Пресметките на ССМ покажуваат дека во јануари вредноста на синдикалната кошничка изнесувала 66.413 денари, а со изнајмен стан од 60 квадрати 81.788 денари. 

Владата останува на ставот да се договорат синдикатите и работодавачите. Минималната плата законски треба да се зголеми во март кога се врши усогласување кое според пресметките треба да изнесува од 1.500 до 1.700 денари кои работниците ќе ги земат со априлската плата.