Skip to main content

ССМ: Минималните трошоци од синдикалната кошница растат, платите треба да се зголемат за најмалку 20%

Вредноста на синдикалната минимална кошница за месец јануари 2025 година изнесува 63 252,00 денари. Особено загрижувачки, според претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, е што вредноста на храната и пијалаците е зголемена за најмалку 10 % за колку што, како што рече, беше ветувањето на трговците дека ќе ги намалат цените во новогодишната кошничка.
 |  инфодеск  | 

Минималните трошоци на едно четиричлено семејство во јануари изнесуваат 63 252 денари и се зголемени за 391 денар во однос на декември. Во делот за храната и пијалоците, за 63 основни производи содржани во синдикалната минимална кошница се бележи зголемување од 123 денари. Ова го покажуваат податоците на Сојузот на синдикати на Македонија објавени на прес конференција на тема дали новогодишната кошничка ги дала посакуваните ефекти.

Загрижува податокот што за 12 месеци, односно од почетокот на минатата година досега минималните трошоци во делот на храната и пијалоците се зголемени за 10,43 проценти рече Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов.

Вредноста на синдикалната минимална кошничка за само една година пораснала за 6.089 денари што значи зголемување од 10,65 проценти што значи дека инфлацијата не е 3,5 проценти како што покажуваат статистичките податоци, туку се движи над 10 проценти, посочи Трендафилов.

„ Граѓаните во Македонија, ние работниците не дека живееме многу добро и имаме многу добри плати, па пазариме и со тоа ја погреваме инфлацијата и платите се виновни за зголемувањето на инфлацијата, напротив трговците се алчни и се богатат на грбот на работниците со тоа што го користат секој момент за дополнително да се збогатат. Дури се сомневаме и дека она што го ветуваат сега дека во наредните месеци ќе го задржат нивото на цените на основните прехранбени производи е мамка да не ги намалат цените на производите кои на светските берзи бележат намалување. “ – истакна Трендафилов.

Од ССМ за во следниот период најавуваат поригорозни чекори за да се подигне свеста кај граѓаните за однесувањето на трговците и потребата од почитувањето на мерките. Информациите говорат дека цената на житото на светските берзи е намалена за околу 13 проценти, рече првиот синдикалец и додаде дека и покрај тоа кај нас цената на лебот е намалена само за еден денар и нема намалување на цените на брашното, тестенините, оризот и други производи.

„Сметам дека Владата е добро како што почна на почетокот во септември да им ги извади фактурите за набавната вредност на производите кои се увезуваат, имајќи предвид дека храната најчесто е од увоз и да покажат по која цена се увезени производите, а потоа по која цена ги продаваат. Сметам и апелирам дека Владата во наредниот период , апсолутно не треба да прави апсолутно никакви консултации со овие трговци, не треба да ги прашува, не треба да ги исполнува нивните желби туку треба да го направи тоа што го правше во минатото, да креира мерки без да ги информира и на таков начин да ни помогне нам на граѓаните, следствено на тоа да се случи и зголемувањето на платите за да можеме да си дозволиме еден достоинствен живот. “ – рече Трендафилов.

Според ССМ, платите треба да се зголемат за најмалку 20 проценти. Тоа барање е повеќе од оправдано бидејќи минималната синдикална кошничка е над илјада евра што не значи дека семејството со толку може да живее, туку не може ни со толку да преживее, рече Трендафилов