Стартува сезонската авиолинија Истанбул-Охрид
Летовите до Охрид ќе се одвиваат секоја недела
Директни летови од Истанбул до охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ ќе воведе турската авиокомпанија „Онур ер“ од 15.-ти следниот месец, во соработка со тур-операторот Татилбудур, најавија претставници на компаниите денеска на прес-конференција во Истанбул.
Летовите до Охрид, кој на турската јавност и е познат како светски туристички центар под заштита на УНЕСКО, ќе се одвиваат секоја недела, поаѓајќи од аеродормот Ататурк во Истанбул во 13:40 часот, и враќајќи се од Охрид за Истанбул во 15:00 часот. Летовите на Онур ер до Охрид, ќе бидат со авиони од типот Ербас А320.
– Годинава ќе организираме 22 тури до Охрид, со 23 лета. Со овие летови, ќе им овозможиме на турските туристи да патуваат по поволни цени, во шест земји без визи и тоа Македонија, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина,Србија и Косово, изјави главниот извршен директор на тур-операторот „Татил Будур“, Џенк Ангин.
Воспоставувњето сезонска авионска линија е резултат на преговорите што авиокомпанијата ги имаше со македонската Влада, како обид за привлекување што поголем број гости на Охридската ривиера.
Патниците на „Онур ер“, освен што ќе бидат во можност да остварат директен лет од Истанбул до Охрид, во Турција ќе имаат можност да летаат во шест градови по пристапни цени и тоа за Адана, Алања-Газипаша, Анталија, Истанбул, Измир и Трабзон.
Турските гости претставуваат значаен сегмент во вкупниот број гости кои престојувале во Македонија. Минатата година Македонија ја посетиле 129.708 турски туристи што е зголемување за 22,7 проценти споредбено со 2016.
Првично билетите за летот ќе се продаваат преку „Татил Будур“, но ќе бидат понудени и на отворена продажба доколку постои интерес на пазарот. Освен за патниците кои живеат во Македонија, билетите ќе бидат достапни и за патниците од Албанија, и можат да се купат преку веб-страницата на Онур ер www.onurair.com, преку кол-центарот на следниов број: 0850 210 66 87, како и преку овластени агенти за продажба.