Стопирање на кризата е услов за поддршката од Европската унија
Иво Вајгл – Следните денови со конкретни понуди до Македонија
Словенечкиот европратеник, Иво Вајгл, кој е известувач за Македонија во Европскиот парламент, изјави дека запирањето на политичката криза и насилството во Македонија се услов земјата да добие позитивен извештај за пристапни преговори со ЕУ оваа година.
Вајгл за Словенечката телевизија од Брисел рекол дека очекува ЕУ деновиве да понуди конкретни предлози до Македонија за да се стабилизира состојбата, но и дека македонските власти мораат конструктивно да ја решаваат политичката криза која кулминираше со терористички напад во Куманово. Тој оцени дека Куманово е избрано за терористички напади поради близината на границата со Србија и Косово и поради поголемиот број на албанското население во тој град. Вајгл додава дека жртвите во оваа трагедија, во која беа убиени 8 полицајци и 14 напаѓачи, веројатно би биле помалку доколку македонските власти ги уважиле предупредувањата кои ги добивале правовремено.
Стопирањето на политичката криза и насилството се услов ЕУ позитивно да се изјасни спрема прашањето на македонската иднина, а тоа е членството во Европската унија и НАТО, рекол Вајгл.
Тој додава дека во спротивно поддршката од Брисел за Македонија ќе изостане, како и поддршката од Европскиот парламент кој девет години носи позитивни годишни извештаи за напредокот на државата. Но, и покрај позитивните извештаи на Европскиот парламент почетокот на пристапните преговори со Македонија ги блокира Грција која се спротивставува за проблемот со името.
Вајгл на крајот од изјавата напоменува дека за кризата, исто така, се виновни неодлучноста и инертноста на Европската унија и НАТО во интеграцијата на земјата во тие структури.
{loadposition content9}