Страдална или Страстна седмица
Последната седмица пред Велигден е Страдална или Страстна седмица. Страдалната седмица ја претставува последната седмица од Христовиот живот на земјава, неговите страдања, смртта и погребението.
Сите денови од Страдалната седмица се нарекуваат „Велики“, заради величието на настаните што се празнуваат во тие дни. Тоа се најтешките денови и најисполнети со молитви и богослужби. Во првите три дена (Велики понеделник, Велики вторник и Велика среда) низ богослуженијата, верниците се подготвуваат за сеќавањата на Христовите страдања. Трите дена се посветени на последните беседи и поуки на Господа Исуса Христа кон апостолите и кон луѓето.
На Велики понеделник Црквата се потсетува на последните денови на Христос во Ерусалим, неговото влегување во Храмот и растерувањето на трговците од него, оти тоа е место за молитва, а не пазар. Христос на своите ученици во повеќе наврати им зборува за Своето страдење кое Му претстои, како и крајот на времињата и Страшниот суд. На Велики понеделник Црквата говори и за Неговата беседа во Храмот, за злобните лозари, како и проколнувањето на бесплодната смоква, која го претставува јудејскиот собор, во кој Исус Христос не нашол вистински плод, туку само лицемерна сенка на законот, но и човечката душа која не ја познава молитвата, покајанието, и која не носи духовни плодови.
На Велики вторник православната црква го покажува Богочовекот Исус Христос како сезнаечки, кој во саботата кога го воскреснал Лазар, знаел дека еврејските старешини го осудиле на смрт. На богослуженијата се читаат текстовите од Светото евангелие што ги опишуваат настаните што се случиле токму на Велики вторник, кога Исус Христос изговорил најмногу поуки и параболи во Ерусалим. Тоа се Неговите последни поуки и опомени пред да биде предаден и распнат.
На Велика среда се споменува предавството на Јуда. На тој ден во спомен на жената која истурила миро на христовите нозе, во црквите се врши една од седумте свети тајни-осветувањето елеј. Верниците тогаш се помазуваат со осветеното масло како лек за телесно и за душевно здравје.
На Велики четврток си спомнуваме за Тајната вечера и сè што се случувало тогаш – подготовката, миењето нозете на апостолите, поуката за смирението и братољубието, посочување на предавникот и излегувањето на Јуда од вечерата. На тој ден Исус Христос ја востановил светата тајна на причестување во облик на леб и вино што го претставуваат телото и крвта Господово. На Велики четврток се служи литургија на Василиј Велики. Вечерта има бдеење и се читаат 12 евангелија за Христовите страдања.
На Велики петок нема литургија. Тоа е најжалосниот ден за христијаните бидејќи Исус Христос бил осуден и распнат на крст. Во времето на смрттта на Синот Божји земјата се затресла, Сонцето се помрачило, а завесата во ерусалимскиот храм се искинала на два дела. Наместо камбани, во црквите се до недела се слуша звукот на клепалото. Вечерта се изнесува плаштеницата која го означува посмртното облекување и полагање во гробот на Исус Христос и се служи опело. По обиколката околу храмот верниците минуваат под плаштеницата.
Велика Сабота е денот меѓу смртта и воскресението, меѓу петок и Велигден, денот што ги спојува распнувањето и радоста, исчекување пред Христовото Воскресение. На Велика сабота последниот ден од Велигденскиот пост се служи опело за Исус Христос. Во раните попладневни часови се служи литургија на Свети Василиј Велики. Во ерусалимскиот храм на Светиот гроб на Господ Исус Христос во кој претходно се изгасени сите свеќи и кандила се пали светиот оган што го прима ерусалимскиот патријах и потоа го пренесува на народот.
Во недела е Велигден, денот на воскреснувањето на Исус Христос, кога ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите. Воскресението Христово на полноќ се објавува во сите православни храмови, а се одржуваат воскресенски литургии. Овој празник е спој на верата и традицијата. Широко е распространета традицијата кршење со велигденски јајца за здравје, благостостојба и напредок.
Велигден е тридневен празник кој покрај недела ги вклучува и понеделник и вторник.