Суспендирани над 20 лица во МВР поради случувањата во Собранието на 27 април
„Очигледно е дека некој ја злоупотребил својата положба…”
Mинистерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, претстави дел од наодите во класифицираниот извештај на работната група за крвавиот четврток, во Парламентот соопштувајќи наедно дека почнале постапките за утврдување одговорност за намерните пропусти во МВР. Извештајот, според Спасовски, потврдил дека МВР е партизирано, нешто на што тој предупредуваше кога беше технички министер со оценка дека сè додека оваа институција работи според партиски интереси не ќе може да функционира нормално.
„Очигледно е дека некој ја злоупотребил својата положба и со тоа го овозможил нападот врз пратениците и новинарите. За овој срамен чин мора да има одговорност, а без санкции за одговорните Министерството не може да продолжи да функционира. Извештајот го потврдува она што сите го знаеме веќе долго време, а тоа е дека партизираноста на одредени раководни структури внатре довела до тоа овој државен орган да падне на испитот на извршување на своите должности“, рече Спасовски пред новинарите.
Потоа, извести дека досега се сослушани 180 лица, изречени се 23 суспензии, а за 45 други се поведени дисциплински постапки.
Спасовски потенцираше дека „некој“ свесно овозможил, а можеби и планирал да се случат инцидентите во Собранието, но не прецизираше дали некој од овие лица што се дел од извештајот сè уште врши раководна функција.
Според извештајот, оперативниот штаб не направил соодветна проценка, не се користел видеонадзорот на безбеден град, до насилното влегување на граѓаните дошло како резултат на отворањето на главниот влез од внатре, а полицискиот службеник од внатрешното обезбедување што сакал да ги обезбеди вратите бил спречен од личното обезбедување на пратеници. Притоа, членовите на оперативниот штаб не биле присутни иако навремено биле известени за текот на настаните.
Спасовски обелодени исто така дека веднаш по настаните во Собранието одредено раководно лице побарало да биде направен извештај за само еден ден со наоди какви што му одговараат нему. Тој не сакаше повторно да именува кој, но новинарите го препознаа Митко Чавков.