Св. Трифун Чудотворец и покровител на земјоделците и лозарите
Православната црква на 14 февруари или на 1 февруари според јулијанскиот календар го слави Свети Трифун.
Името на светителот доаѓа од грчкиот збор τρυφή што значи мекост, нежност, деликатност. Св. Трифун е ранохристијански маченик кој денес е почитуван како од Православната на Исток, така и од Римокатоличката црква на Запад.
Момчето што на 17-годишна возраст со Божја помош ја излекува царската ќерка Гордана која што не можеше да ја излекува ниту еден лекар во империјата се стекна со голема слава и настрада на 21-годишна возраст, но остана во споменот на целиот христијански православен свет како поим за младост и доследност на христијанските традиции.
Свети Трифун на иконите е претставен или со сорче за режење лозје или со наметка како чувар на гуски, а тој се смета и како покровител на меанџиите. Најверојатно уште во Х век за прв пат започнува традицијата, св. Трифун да се нарекува покровител на земјоделците и лозарите.
Во некои краишта овој празник е познат и како Св. Трипун пијаница. Традиционално, на 14 февруари се врши обредното закројување на лозјето, а некои овој ден го сметаат за последен од зимските и за прв од пролетните празници.
Именден на денешен ден празнуваат Трифун, Трајан, Трајко..