Свештениците преку Интернет се отуѓуваат од верниците
Свештениците сé повеќе го користат Интернетот како медиум преку кој на полесен начин можат да дојдат до верниците и да го промовираат православието. Се отвораат блогови, портали, веб-страници, електронски пошти, се членува во социјалните мрежи. Сето тоа функционира во рамките на одредена епархија или, пак, го раководи свештено лице. Иако се збунети од ваквиот нов начин на комуникација со свештените лица, верниците полесно прифаќаат вака да ја изразуваат вербата во Бога, а сметаат и дека со комуникацијата преку Интернет повеќе се приближуваат и подобро се информираат за случувањата во црквите и за верските обичаи.
Ваквиот начин на комуникација го наметнува и прашањето дали со тоа се постигнува вистинската цел на промовирање на верата и дали свештеникот се рекламира самиот себе или Господ?!
– Умешноста на црковното лице е во тоа медиумот да го користи само како можност да ги информира верниците и да ги привлече да ги посетат верските објекти, како што се цркви и манастири. Ако премногу се навлезе во овој вид на комуникација, односно ако се остане само на комуникацијата преку Интернет, се создава отуѓеност. Тоа е исто како да гледате море на телевизија и со тоа да ја задоволите желбата за одмор – објаснува отецот Арсениј од струмичката епархија.
Тој предупредува дека популарните социјални мрежи може да завладеат со верникот или со свештеното лице и со тоа да се загуби личниот однос меѓу нив.
Голем број свештеници велат дека користењето на современите начини на комуникација преку Интернет не треба да предизвикува чудење или осуда кај луѓето, зашто тие живеат во исто време со нив и треба да ги следат модерните текови, зашто тоа е паралелен свет во општествениот живот.
Во балканските држави, како Хрватска, Србија и Бугарија, одамна е застапена комуникацијата со верниците преку Интернет, која особено ја користат верниците што живеат во странство.
{loadposition content9}