Света великомаченичка Екатерина
Православната црква денеска го слави споменот на Великомаченичка Света Екатерина.
Во времето на незнабожечкиот цар Максимин, во градот Александрија живеела Екатерина, која била ќерка на малиот цар Консте. По смртта на татко и живееше со својата мајка. Мајка и беше потајна христијанка, којашто преку својот духовен отец ја приведе кон Христовата вера и Екатерина. Во едно видение Света Екатерина прими прстен од Самиот Господ Исус, во знак на веридба со Него. Тој прстен до денес стои на нејзината рака. Екатерина беше многу надарена и добро школувана во грчката философија, медицината, реториката и логиката, а притоа беше и необично убава. Кога злочестивиот цар Максимин им принесуваше самиот жртви на идолите и им наредуваше на другите да го вршат истото, Света Екатерина смело излезе пред царот и ја изобличи неговата идолопоклоничка заблуда. Кога виде царот дека е посилна од него во мудроста и во знаењето, повика педесетмина најмудри луѓе за да се препираат со неа за верата и да ја посрамат. Но Екатерина ги надмудри нив и ги посрами. Разјарен царот нареди сите педесетмина мудреци да се изгорат во оган. По молитвите на Света Екатерина овие мудреци сите пред смртта го исповедаа името Христово и се објавија себеси за христијани. Кога оваа маченичка беше во затворот, го приведе кон верата војводата Порфириј со двесте војници, а ја обрати кон Христа и самата царица (Августа-василиса). Сите пострадаа за Христа. При мачењето на Света Екатерина ѝ се јави ангел Божји, го запре и го искрши тркалото на коешто беше мачена; а потоа ѝ се јави Самиот Господ Христос и ја утеши. После многу мачења ја убија со меч во нејзината осумнаесетта година, на 24 ноември 310 година. Од нејзиното тело истече млеко наместо крв. Чудотворните мошти на Света Екатерина почиваат на Синај.