Свето Благовештение -Благоец, празник на радосната вест, прв Велигден

Празникот Свето Благовештение, меѓу народот познат како Благовец, Благоец, Блошчојне и сл. се смета за тежок празник, а некои го сметаат за голем празник како Велигден поради што се вели: „Благоец, прв Велигден”.
Се празнува точно девет месеци пред Божик, во чест на таа блага вест што ангелот, архангел Гаврил, и ја пренесол на Света Дева Марија.
Празникот Свето Благовештение се вбројува во постојаните празници и секогаш е на 7 април според новиот, или на 25 март според стариот календар. Меѓу народот повеќе е познат како Благовец, Благоец и сл. и се смета за тежок празник поради што тогаш не се работи. Тогаш се оди на именден кај оние што имаат име Благоја, Блаже, Благојка, Благица итн.
Свето Благовештение е Богородичен празник, односно еден од празниците посветени на Пресвета Богородица. Тие се поврзани со животот на Божјата Мајка, но и со самиот Исус Христос и затоа се смета за двоен празник: Господов и Богородичен. Господов, бидејќи на овој ден Господ Исус Христос се воплотил – зачнал, а Богородичен, бидејќи Богородица постанала Божја мајка.
Овој ден се смета и за ден на мајките, затоа што Богомајката Богородица е заштитничка на сите мајки кои зачнале и станале мајки. Тоа е ден на мајката која дала нов живот. Тогаш децата и благодарат на мајката, ја гушкаат и и даваат дарови во знак на љубов, почит и внимание. Мајките, пак, ги благословуваат децата и тие да имаат свои рожби и радости.
На овој ден Гаврил се јави во архангелска светлина и ѝ рекол на Марија дека е одредена од Бога да го роди Спасителот. Во чест на таа блага вест што ангелот и ја пренесол на Света Дева Марија, црквата го востановила празникот Свето Благовештение, што се празнува точно девет месеци пред Божик.Легендата вели дека еднаш кога покрај прозорецот Света Дева Марија го читала Светото писмо, во Книгата на пророкот Исаија прочитала дека „Девица ќе зачне и ќе роди син и ќе му го дадат името Емануил”, возбудено помислила дека кога би знаела која е таа девојка би и служела до крајот на животот. Во тој момент до неа долетал ангелот Гаврил кој и соопштил дека таа е девојката одредена од Бога што ќе го роди Спасителот: „Радувај се благодетна! Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените; и ете ти ќе зачнеш во утробата и ќе родиш син и ќе го крстиш со името Исус. Он ќе биде голем и ќе се нарече син на Севишниот и ќе му го даде Господ Бог престолот од неговиот татко Давида и ќе царува над домот Јаковов секогаш и царството негово нема да има крај“.