Светското диригентско чудо Илич Ривас вечер на Скопско лето
Шеснаесетгодишниот Илич Ривас од Венецуела, кого критиката го нарекува „светско диригентско чудо од дете“, вечер во Македонската опера и балет ќе го води Младинскиот оркестар на КултурОп во рамки на фестивалот Скопско лето.
На програмата се дела од Верди, Чајковски и од Менделсон, а како солист ќе настапи виолинистот Климент Тодоровски.
Ривас во Македонија гостува на покана на Симон Трпчески кој на прес-конференција по повод настанот истакна дека е импресиониран од својот млад пријател, од неговиот, како што рече, природен, нормален, спонтан однос и од „човечка димензија многу важна во музицирањето“.
– Очекувам тоа да биде одличен концерт. Се чувствувам добредојдено и удобно ми е со музичарите, рече Ривас. Музичките способности тој ги наследил од својот татко Алехандро Ривас, актуелен музички директор на симфонискиот оркестар Метро Стејт во Денвер, кој на прес-конференцијата рече дека неговиот син диригира од шестгодишна возраст.
Од четири години Ривас го придружувал татко му на концертите, се интересирал за инструментите и со часови слушал симфонии. – Неверојатниот талент кај него го открив многу рано и почнав да го подучувам, што резултираше со брз и голем напредок, кој најмногу се должи на неговата љубопитност, движечка сила на неговиот талент, истакна Алехандро Ривас.
Илич Ривас, најперспективниот светски диригент, ќе почне двегодишни студии на конзерваториумот Пибоди во Балтимор, под патронство на светски познатата жена-диригент Марин Алсол и Симфонискиот оркестар на Балтимор.
Под менторство на прославениот Владимир Јуровски, летово Ривас усовршува оперско диригирање во Глајндебурн, а под надзор на легендарниот Курт Мазур ќе работи диригирање во рамки на Фестивалскиот оркестар на Вербие. Во август му претстои големо професионално деби со Симфонискиот оркестар на Атланта.
Концертот на Илич Ривас и на македонскиот пијано виртуоз Трпчески, кој се одржа вчеравечер во МОБ, се дел од тридеценискиот јубилеј на Скопско лето и ги организираат Дирекцијата за култура и уметност и здружението КултурОп, во соработка со лондонската концертна агенција ИГМ-Артистс и со поддршка на Амбасадата на САД во Скопје.
{loadposition content9}