Таравари: 16 повредени се праќаат дома, тим од пластични хирурзи ќе биде испратен во Кочани

Министерот за здравство Арбен Таравари на денешната прес-конференција изјави дека 16 лица од повредените во Кочани ќе се пуштат на домашно лекување, додека 30 пациенти ќе останат на лекување во скопските клиники. Рече и дека моментално е фазата на инфекции кои можат да се јавуваат кај изгореници од трет и четврти степе.
-Тим од пластични хирурзи ќе биде испратен во Кочани со цел да се олесни процесот на рехабилитација на пациентите повредени во трагичниот пожар што се случи неодамна во овој град, информираше денеска министерот Таравари.
Таравари изјави и дека во следните две недели, очекувањата се да се вратат барем половина од 115-те пациенти кои се лекуваат во странство.
-Односите меѓу партнерите во коалицијата се добри, стабилни и јас продолжувам и на 1-ви, и на 2-ри и на 3-ти и на 5-ти април да ја вршам функцијата министер за здравство. Повеќе сум фокусиран на работите кои што се важни за пациентите. Пред се и над се, за мене како министер за здравство е важна добрата состојба на овие пациенти од Кочани, меѓутоа и генерално на сите пациенти во државата, рече Таравари во врска со прашањето за неговата оставка.
Од пациентите згрижени во скопските болници, 26 се во Клиничкиот центар, од кои 3 на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ), 6 на Клиниката за пластична хирургија, 11 на Клиниката за токсикологија, двајца на Клиниката за пулмологија и алергологија, двајца на Клиниката за детска хирургија, 1 пациент на Клиниката за торакална хирургија и 1 на Клиниката за офтамологија.
Во ГОБ „8 Септември“ се лекуваат 10 пациенти, додека уште 10 се хоспитализирани во Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“. Дополнително, 8 пациенти се хоспитализирани во приватни болници, сите во стабилна и добра состојба.