Тетовска фирма под истрага на НАТО
НАТО спроведува истрага за работењето на компанијата „Еколог“, која е во сопственост на Албанци од Македонија. Фирмата вршела логистичка поддршка за НАТО во Авганистан, но постојат сомнежи дека се шверцувала и дрога.
Во холандското место Брунсум, недалеку од границата со Германија, се носат одлуките за мисијата ИСАФ во Авганистан. Тука се наоѓа Командата на сојузничките сили, во која се планираат логистичките операции. Во 2003 година во ова место биле потпишани и договорите со компанијата за услужни дејности, „Еколог“ од Диселдорф. Договорот опфаќал широка палета, од испорака на нафта, перење алишта, до комунални услуги за командата на ИСАФ.
Но веќе две недели се води истрага за евентуалната кривична одговорност на вработени во „Еколог“ и на семејството Албанци од Тетово, кои се сопственици на фирмата.
Првиот човек на Командата во Брунсум, германскиот генерал Егон Рамс за информативната програма на НДР, потврди дека се води истрага за можни илегални активности на компанијата.
„Според информациите со кои располагам во моментов, заинтересиран сум да утврдам дали компанијата ’Еколог’ можеби ги користи договорите кои ги има со нас за илегални активности кои не можат да бидат во интерес на НАТО, ниту во интерес на ИСАФ, а ни на земјите кои учествуваат во таа мисија. Според она што ми е познато постојат сомнежи за шверц со дрога и тоа ќе го истражам“.
Основа за истрагата на НАТО биле сознанијата на КФОР на Косово за влијателното албанско семејство Дестани од околината на Тетово, кои се сопственици на фирмата „Еколог“. Уште пред осум години во еден извештај на германската тајна служба во рамките на КФОР се говорело за „постоење на клан со тежиште кон организираниот криминал“.
Во новиот, доверлив извештај на КФОР се наведува:
„Семејството Дестани од Тетово ги контролира криминалните активности и шверцот во пограничниот регион меѓу Македонија и Косово“.
Тие информации без проблеми можат да се најдат во базата на податоци на НАТО. Но, досега никој не ги барал, вели генералот Рамс.
„Бизнис врската не била преиспитана. Јас дури сега ги дознав фактите. Тоа автоматски доведува до преиспитување на одлуката дали ’Еколог’ се’ уште може да биде прифатлив за нас како партнер. Не би сакал НАТО или ИСАФ да бидат доведени во врска со какви било илегални активности“.
Од „Еколог“ ги отфрлија обвинувањата и соопштија дека проценките на КФОР не се „точни“. Не постои никаква врска меѓу „Еколог“ или неговите сопственици со какви било криминални активности. Единственото логично објаснување е можна замена на имиња, тврдат од „Еколог“ во Диселдорф.
Но, познавачите на состојбите на Балканот, како поранешниот дописник на весникот „Швајцер Велтвохе“, Јоханес Фон Донањи, добро се сеќаваат на презимето Дестани, врските со „Еколог“ и моќта на таа фирма за време на воените 90-ти години.
„Беа моќни во воените судири, беа и финансиски и политички моќни. Секогаш одново се говореше дека тие таа моќ ќе ја искористат за криминални активности“, објаснува Донањи.
И порано имало гласини за криминалните активности на одредени припадници на кланот, за шверц со дрога, трговија со оружје и луѓе. Но сето тоа било тивко и без вистински докази. А странците, кои не зборуваат албански, најчесто тоа воопшто немале можност ни да го дознаат, вели Донањи.
{loadposition content}