Skip to main content

Грците му се налутија на Тиесто затоа што го сака македонското знаме

Светски познатиот диџеј одлучи да ги избрише сликата од нашето знаме и коментарот „го сакам македонското знаме“, објавени на неговиот профил на Фејсбук, поради тоа што грчките обожаватели го бомбардираа со коментари дека нашата држава се вика ФИРОМ, а Македонија е регион со грчка историја.

 |  Маја Савиќ  | 
Tiesto
TIESTO

TiestoМакедонските и грчките обожаватели на светски познатиот диџеј Тиесто се судрија на Фејсбук, откако ѕвездата на својот профил на мрежата напиша дека го сака македонското знаме и до текстот објави слика од нашето знаме, кое самиот го фотографирал со својот мобилен телефон. Ваквиот потег што холандскиот диџеј го направи по последниот настап во Скопје пред десетина дена, ги налути неговите обожаватели од Грција, кои неговиот профил на Фејсбук го преплавија со коментари дека името на нашата држава не е Македонија, туку ФИРОМ и дека не треба да ја поистоветува нашата држава со Македонија како регион со грчка историја. Грците отидоа дотаму што направија група на Фејсбук „Срам да ти е Тиесто“, на која се приклучиле 2.000 луѓе.

По ваквите реакции, Тиесто ја тргна сликата од македонското знаме, преку која покажа дека бил воодушевен од македонската публика на последниот настап и на профилот објави извинување во кое нашата држава ја нарекува ФИРОМ.

„Се појавија одредени недоразбирања околу објавувањето на фотографијата со знамето на ФИРОМ од страна на Тиесто на неговата страница на Фејсбук за време на скорешното патување. Тоа не беше политичка изјава и тој сака да се извини доколку навредил некој од неговите обожаватели. Тиесто пушта музика низ целиот свет за обожаватели од секоја националност и се надева дека промовира толеранција и разбирање меѓу сите“, се вели во објаснувањето.

Tiesto

Со отстранувањето на сликата не стивна жестоката дебата во која се вклучија дури и обожавателите на Тиесто од други држави, кои реагираа со зачуденост зошто Грците се навредиле од тоа што диџејот ставил на својот профил знаме на една држава.

„Зошто би било навредливо да се објави фотографија од знаме? Многу изведувачи го сториле тоа и сметам дека е уште понавредливо што си ја тргнал сликата и си се извинил. Треба да учиш од многу изведувачи низ целиот свет, кои објавуваат слики од знамиња од земји низ светот и се горди затоа што тоа е знак за почит“, се вели во еден од коментарите. Во друг коментар еден од обожавателите му пишува на Тиесто дека не требало да ги тргне сликата и коментарот, затоа што тој има право на сопствено мислење. Грците, пак, по извинувањето се смирија и му пишаа дека му остануваат верни обожаватели.     

{loadposition content9}