Skip to main content

Тошковски за пожарот во Кочани: Осомничени над 20 лица, фирмата немала легална лиценца за работа

Приведени се поранешен државен секретар на министерство за економија, поранешен/ сегашен раководител на еден сектор во рамки на министерство за економија, екс директор на дирекција и спасување и тројца вработени во дирекцијата.
 |  инфодеск  | 

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, на прес конференција попладнево изјави дека има над 20-тина осомничени лица. Околу 15 лица се во полициска станица, дел од осомничените за предизвикување на трагедијата во кочанската дискотека се починати, дел се во болница. Тој додаде и дека приведени се поранешен државен секретар на министерство за економија, поранешен/ сегашен раководител на еден сектор во рамки на министерство за економија, екс директор на дирекција и спасување и тројца вработени во дирекцијата.

Тој информираше дека се обезбедени четирите лица за кои претходно беше распишана централна потерница се пронајдени во болница.

-Легална лиценца за работа оваа фирма немала, не би сакал да откривам повеќе детали во таа насока, затоа што сме во многу рана фаза во рамки на оваа истражна постапка. И оваа лиценца, како и многу други работи во минатото во Македонија, е поврзана со мито и корупција, изјави министерот за внатрешни работи Тошковски.

Тој додаде дека согласно првичните информации, во дискотеката имало околу 500 лица, а околу 250 карти биле продадени. Додаде и дека имињата на починатите по завршување на идентификацијата ќе бидат доставени до семејствата.

Претходно беше соопштено дека во пожарот во дискотека во Кочани загинати се 59 лица, меѓу кои и прејачот на ДНК Андреј Ѓорѓиевски, а бројот на повредени е повеќе од 150.

Инаку, се очекува Владата на вонредна седница да прогласи 7 дневна жалост.