Skip to main content

Закон за родова еднаквост

Тренчевска: Да не се меша Законот за родова еднаквост со родов идентитет

Единствена намера на креаторите на предлог Законот за родова еднаквост е правење на жената во општеството да биде видлива. Со овој закон не се третира ниту промената на полот, ниту истополовите бракови, објасни денес Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска. Предлог законот е во консултативен процес, уште не влегол ни во собраниска процедура.
 |  инфодеск  | 
Родова еднаквост

Со Законот за родова еднаквост единствено ќе се унапредува положбата на жената во сите сфери на општественото живеење. Овој закон го третира прашањето што треба да направи државата преку воспоставување на посебни механизми, за да се унапреди положбата на жената во општеството“’ истакна денес Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска. Со спојувањето на Законот за родова еднаквост и Законот за матична евиденција се направи проблем, бидејќи ова се два закони кои третираат различна проблематика. Законот за измени и надополнувања на Законот за матична евиденција кој во 2022 беше повлечен од собраниска процедура за да се прошири консултативниот процес, го третира родовиот идентитет, односно можноста трансродово лице да може да ја смени дознаката за пол и род. Додека со Законот за родова еднаквост се унапредува положбата на жената.

„Со Законот за родова еднаквост не се третира ниту менувањето на полот, ниту се третираат истополовите бракови, туку единствена област на која се фокусира е подобрувањето на положбата на жените и на еднаквите можности на мажите и жените. Законот за родова еднаквост не е исто што и Законот за матична евиденција. Треба во целост да ги одвоиме кога дискутираме за овие два закони. Законот за родова еднаквост се фокусира единствено на унапредување на положбата на жените во општеството и создавање на еднакви можности на жените и мажите. Овозможување на еднаков пристап на жените до сите ресурси, добра и услуги во општеството и еднаков бенефит на жените од тие услуги.“ – изјави министерката Тренчевска.

Со подеднакво вклучување на мажите и жените, подеднакво во сите сфери на општественото живеење, може да се надеваме и на економски просперитет, соодветно ќе го превенираме и спречуваме насилството врз жените. Во врска со сенародниот собир на МПЦ-ОА во знак на протест поради односот на власта кон нивното барање за повлекување од собраниска процедура на овие два предлог закони, министерката рече:

„Треба да се каже вистината и да се разбере концептот на родова еднаквост во духот на меѓународните документи и на се она што постои како регулатива во нашата држава, дека родовата еднаквост не е исто што и половата еднаквост. Родот и полот не се исто што и родов идентитет. Родот и полот се дефинирани согласно постојната законска регулатива во Државата и согласно она што државата го презела согласно Истанбулската конвенција.“ – кажа Тренчевска.

Идентични се дефинициите во Предлог законот за родова еднаквост со Законот за заштита и спречување на насилство врз жените, односно со одредбите од Истанбулската конвенција, објасни Тренчевска. Во државата ќе постои правна несигурност во спроведувањето на законите ако имаме различни дефиниции во различни закони. Инаку, организаторите на денешниот собир сметаат дека овие законски решенија ќе бидат сериозна закана за општеството, а особено за неговата основна клетка – семејството.