Трипуновски: Дополнителните контроли покажаа дека нема недозволен пестицид во зелката вратена од Хрватска
При спроведената контрола кај производителот на свежата зелка извезена за хрватскиот пазар, а која беше вратена од хрватската граница поради наводно присуство на недозволен пестицид, не е откриена употреба на забранети препарати, информира денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.

– За пратката вратена од Хрватска веднаш беше интервенирано, беше проверено кој е производителот, кој е извозникот. Преку Инспекторатот за земјоделство направени беа дополнителни контроли, земени се мостри од извезениот градинарскиот продукт. Направените анализи испаднаа негативни односно покажаа дека таков препарат не е употребен во земјоделската култура – рече Трипуновски одговарајќи на новинарско прашање.
Министерот додаде дека не знае дали се работи за некаква грешка од страна на граничната контрола во Хрватска или се работи за некој друг момент, но убеден е дека во Македонија кај посочениот земјоделец не биле најдени недозволени пестициди.
Тој истакна дека засилени се контролите во делот на недозволена трговија со препарати за заштита на растенијата.
– Како министерство работиме на проширување на дозволената листа на европски препарати, со цел земјоделците да имаат пристап до повеќе препарати кои се можеби и поевтини и со подобро дејство, рече министерот Трипуновски.
Минатата недела хрватските медиуми известија дека во зелка увезена од Македонија биле откриени остатоци од пестицидот имидаклоприд, кој е забранет во ЕУ. Хемикалијата била откриена при контрола на хрватската граница, па инспекторите веднаш наредиле да се уништи целата пратка.