Учениците од денес без маски
Основниците ќе можат да одат на настава со физичко присуство, без задолжително да носат маска. Одлуката стапува на сила од денеска и важи сé до доставување евентуален нов предлог од комисијата за заразни болести.
Оние ученици кои ќе сакаат, можат и понатаму да носат маска во училиште. За наставниците и останатите вработени во училиштата, останува препораката за носење маски.
Освен ова, прифатени се и предлозите на комисијата на заразни болести, да се зголеми максималната исполнетост на капацитетот на отворен и затворен простор од досегашниот најмногу до 50%, на најмногу до 75%, со задолжително носење на маски за културни настани. Театри, кина, филхармонија, како и семинари, обуки, состаноци и конференции.
Владата донесе одлука и да се укине обврската за обезбедување редарски служби во економските оператори. Се укинува и задолжителната потврда за вакцинација, за посета на угостителски објекти на отворено. За затворените делови останува обврската за задолжителна потврда за вакцинација или за прележаност од ковид.
Извор/ТелмаМк