УЈП продолжува со теренски контроли, казни за субјекти во Охрид и Струга за неиздавање фискални сметки
Во периодот од 11.08. до 17.08. Управата за јавни приходи (УЈП) спроведе вкупно 243 теренски контроли за фискализација, насочени кон различни типови деловни субјекти, меѓу кои: ресторани, кафе барови, шанкови на плажа, хотели, бутици, колонијали, цвеќарници, месарници и други трговски објекти за продажба на мало.
Контролите беа реализирани во повеќе градови низ државата, меѓу кои и туристичките места каде во летниот период има зголемена фреквенција на туристи.
Од вкупно 243 контролирани субјекти, кај 37,4% односно 91 од контролираните субјекти биле констатирани неправилности согласно Законот за регистрирање на готовински промет.
Во Охрид направени се контроли кај 14 субјекти и само кај еден е утврдена неправилност, додека пак во Струга од спроведени 24 контроли кај шест субјекти се утврдени неправилности.
За утврдените неправилности донесени се 91 прекршочни санкции – глоби, кои ќе бидат одмерени согласно големината на субјектот. За седум субјекти поради повторено неиздавање фискални сметки во рок од две години, изречена е мерка за привремена забрана за вршење дејност (запечатување).
Од УЈП апелирамаат до сите даночни обврзници да постапуваат совесно и согласно законските прописи, со цел да придонесат кон зајакнување на даночната усогласеност и унапредување на даночната дисциплина во државата.
Управата за јавни приходи врз основа на извршените контроли согласно Закон за регистрирање на готовински плаќања ќе врши вкрстени проверки со цел да ја провери веродостојноста на искажаните приходи кај даночните обврзници.
Издавањето фискални сметки и користењето мобилни фискални апарати не претставуваат само законска обврска – туку и клучен чекор кон правично, транспарентно и одговорно деловно опкружување, потсетуваат од Управата.