Укинување на сите задолжителни Ковид мерки
Комисијата за заразни болести ќе им препорача на Министерството за здравство, Владата и Главниот координативен кризен штаб да бидат укинат сите задолжителни мерки против ковид-19, изјави денеска портпаролот на Комисијата, д-р Злате Мехмедовиќ. На сила се четири мерки и тоа: носење на маски во болници, јавен превоз, аптеки и домови за стари лица и лица со посебни потреби.
Оваа одлука следи откако минатата недела Светската здравствена организација (СЗО) прогласи крај на пандемијата на ковид-19, додавајќи дека веќе не претставува глобална здравствена вонредна состојба.
„Со оваа одлука, целта е и да направиме транзиција од пандемиско ниво, да го третираме ковид-19 како вообичаена заразна болест. Како Комисија би сакале да препорачаме, со оглед на позитивното искуство кое покажа како може да се превенираат интерхоспиталните инфекции, и понатаму да се носат маски во болниците, и на лицата кои ќе се најдат таму и на оние кои одат во посета. Ова особено се однесува на лицата кои се во високоризичните групи“, кажа др Мехмедовиќ .
Во Македонија минатата недела биле регистрирани 66 новозаболени од ковид-19, нема починати, што е најмал број во изминатиот период.
Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) заклучно со 5 мај, во земјава се регистрирани 9.937 смртни случаи. СЗО објави дека седум милиони луѓе во светот починале за време на пандемијата. Во светски рамки, минатата недела на секои 3 минути еден човек умирал од ковид19. Тоа не е бројка за занемарување. Ковид-19 ќе остане, и понатаму треба да се внимава“ велат од Комисијата за заразни болести.