„Не ги п(р)остирајте вашите лични податоци“ – Уметничка и урбана герила акција на улица Македонија
![](/wp-content/themes/yootheme/cache/fe/gerola-akcija-1024x706-1-feffc9e2.jpeg?x67484)
Центарот за современи уметности по повод одбележувањето на Европскиот ден за заштита на личните податоци, 28 јануари, со уметничка герила акција поставена на улица „Македонија“ во Скопје, го поддржа проектот „Лажни вести – предупредувајќи ги сограѓаните“. Акцијата беше поставена на улица „Македонија“ во близина на Спомен куќата на Мајка Тереза.
Овие пораки треба да ги поттикнат корисниците на интернетот и социјалните мрежи за поголема внимателност при заштитата на своите лични податоци, кои многу лесно можат да бидат злоупотребени, а граѓаните оштетени.
– Преку оваа акција користејќи го едноставниот народен јазик и острата мисла на народниот творец раскажана во едноставната синтагма, сакаме да потсетиме дека еднакво како што ги криеме „срамните“ делови на нашето тело, треба да ги криеме и нашите лични податоци. На овој начин сакаме да влијаеме на јавноста и на граѓаните да ја развијат свеста и да ја разберат сериозноста на потребата за чување на сопствените лични податоци. Акцијата е наш придонес во одбележувањето на Европскиот ден за заштита на личните податоци – 28 јануари. На овој начин ја одбележуваме годишнината од донесувањето на Конвенцијата на Советот на Европа за заштита на личните податоци, првиот правно обврзувачки меѓународен документ во областа на заштитата на личните податоците, што има за цел да ја подигне свеста и да ги промовира добрите практики за заштита на приватноста и заштита на личните податоци. Овој датум се одбележува секоја година од сите земји членки на Советот на Европа, како и од институциите на ЕУ, се вели во соопштението.
![](https://tvm.mk/wp-content/uploads/2025/01/zastita-licni-podatoci-1024x576.jpg?x67484)
Идејата на акцијата „Не ги п(р)остирајте вашите лични податоци – Покриен газ никој не го плука“, како што се појаснува во соопштението, е преку визуелно допадлив уметнички јазик изразен во едноставна, но, ефикасна урбана акција претставена преку гигантски гаќи и спружени алишта со испечатени лични документи, „да обрнеме внимание особено на повозрасните генерации сериозно да ги сфатат заканите и проблемите што произлегуваат од недоволната и несоодветната заштита на личните податоци“.
Фото: Слободен печат
![](https://tvm.mk/wp-content/uploads/angwp/items/98535/ttg-hero-baner.jpg?x67484)