Skip to main content

Генерален штрајк

Управата за водење матични книги бара повисоки плати

Управата за водење на матични книги од утрово е недостапна за граѓаните. Генералниот штрајк кој вчера беше најавен од страна на Независниот синдикат на Управата за матични книги, започна денеска околу 8 часот.
 |  инфодеск  | 
Управа за водење матични книги

Од осум часот утринава Управата за водење матични книги е недостапна за граѓаните поради генералниот штрајк кој утрово започна. Истиот вчера беше најавен од Независниот синдикат на Управата.

Како што за МИА изјави Тони Милошески, претседателот на Независниот синдикат на Управата, сите подрачни одделенија од Управата се во штрајк.

Сите подрачни единици се во штрајк, може да има некои исклучоци, мислам дека Куманово, некои од волонтерите работат, но сигурно под притисок од управата, значи 90 проценти од Управата е во штрајк – појасни Милошески.

Тој вели дека засега луѓето што доаѓаат имаат разбирање за штрајкот.

Знаат луѓето дека штрајкуваме, не се бунат, а им треба да завршат работа, има некои луѓе што треба да патуваат, но не можат да излезат од од државата без документите кои ние треба да им ги дадеме – потенцира Милошески.

Милошески додаде дека излегувањето на улица не е опција, но дека ќе штрајкуваат сè додека нивните барања не бидат исполнети.

Независниот синдикат на Управата за водење матични книги бара колективен договор на ниво на работодавач, линеарно покачување на платите и унапредување на работните позиции.