Skip to main content

Уредување на езерските крајбрежја за подобра туристичка понуда

Државата ќе ја подобрува езерската туристичка понуда со изградба на пешачки патеки, хортикултурно уредување и осветлување околу езерата.

 |  Маја Савиќ  | 
Dojransko ezero
Дојранско езеро
dojranРеализацијата на проектот Министерството за транспорт и врски го почнува денеска со објавување повик за доделување договор за јавна набавка за изградба на патеките околу Дојранското Езеро, Езерото Младост, Мавровското Езеро и Габеловото Езеро.

Тие езера се опфатени со првата од предвидените четири фази со проектот, со чија реализација, според министерот за транспорт Миле Јанакиески, во согласност со туристичките стандарди, ќе се создадат места за спорт и рекреација на туристите.

– На тој начин ќе се зголеми интересот за посета на домашните и странските туристи, што значи и подобрување на условите за зголемување на туристичката дејност која ќе влијае позитивно на целокупното подобрување на економската слика на Македонија, рече на прес-конференција министерот Јанакиески.

Тој информира дека првата фаза ќе трае околу три години. Согласно проектираните цени од проектите за крајбрежјата на езерата од буџетот на Министерството за транспорт за годинава се одвоени 14 милиони денари, за 2011 се предвидени 42 милиони денари, како и 34 милиони денари за 2012. Конечните цени ќе се знаат по завршување на јавниот повик

Пешачката патека крај Дојранското езеро ќе биде долга 3,5 километри и широка шест метри, а таа кај Езерото Младост во Велес е предвидено да биде со должина од 5,7 километри и широчина од два метри. Патеката кај Мавровското Езеро во општина Маврово-Ростуше треба да биде два километри долга и два метри широка, а кај Габеловото езеро во Крушево ќе се гради со должина од еден кимотетар и широчина од 2,5 метри.

Во втора фаза ќе се уредуваат крајбрежјата на Дебарското Езеро, Беровското Езеро и Прилепското Езеро. Третата фаза го опфаќа уредувањето на крајбрежјата на Охридското Езеро, Преспанското Езеро и Глобочичкото Езеро и во четвртата фаза се предвидува да се уредуваат крајбрежјата на Тиквешко Езеро, Езеро Водоча, Езеро Мантово, Езеро Турија, Езеро Калиманци, Езеро Матка, Езеро Треска, Езеро Градче, Езеро Паљурци, Липковско Езеро, Езеро Козјак и Езеро Мавровица.

Според министерот Јанакиески, во зависност од финансиите и изготвувањето на проектите за крајбрежјата на езерата од втората, третата и четвртата фаза, Министерството ќе објави повици за склучување договори за пешачките патеки. Урбана опрема и хортикултурното уредување е обврска на општините.

Јанакиески на прес-конференцијата најави и дека наредната недела ќе бидат склучени договори за концесии на пет плажи на Дојранското езеро.

На новинарско прашање што ќе преземе за отказот на синдикалниот претставник на машинскиот персонал во Македонски железници – Транспорт Ристо Пејовски, Јанакиески одговори дека Министерството за транспорт не е надлежно да менаџира со човечките ресурси. Пејовски јавно предупреди за небезбедност на железничкиот сообраќај, по несреќите што се случија на македонските пруги минатиот месец. Министерот Јанакиески очекува извештаите од несреќите да ги добие наредната недела, со што би можело да се покрене постапка за одговорност.
{loadposition content9}