Усвоен Буџетот за 2026 година
Пратениците на вториот ден од расправата го донесоа буџетот за 2026 година. Гласаа вкупно 85 пратеници, 71 беа „за“ и 14 против. Буџетот за 2026 година тежи околу 6,7 милијарди евра и во него растот на БДП е проектиран на 3,8 проценти, а инфлацијата на 2,5 проценти. Вкупните приходи треба да изнесуваат 374,9 милијарди денари, расходите 414,2 милијарди денари, а буџетскиот дефицит 39,2 милијарди денари или 3,5 проценти од планираниот БДП.
Расправата помина со жестоки меѓусебни обвинувања на релација власт-опозиција. За опозицијата буџетот не е развоен, ниту социјален и е предизборен и нема допирна точка со реалноста. За власта пак буџетот е развоен и европски и носи силен инвестициски циклус и подобар животен стандард за граѓаните.
-Буџетот на државата е во одлична кондиција, растот на БДП е 3,8 % заедно со Кипар, а е зад порастот на БДП од 3,9 % што го има Данска. Инфлацијата е помала за 0,5 % споредено со минатата година и ова зборува дека има консолидација што очекувам да продолжи и во наредниот период, изјави премиерот Мицкоски.
-Сега имаме фискална дисциплина, наместо распаднати јавни финансии. Овој буџет е консолидиран, а не е напумпан. Овој буџет е европски, а не уличарски. Овој буџет има финансиска дисциплина. Воведуваме е-фактура, дигитализација на УЈП и Царината, минимален глобален данок, системски реформи. Да потсетиме, СДСМ остави хаос, неплатени обврски, буџетски дупки, непресметани долгови и ефикасност сведена на популизам и партиска администрација, додаде Јован Јаулески од ВМРО-ДПМНЕ.
Според опозицијата, буџетот содржи нереални проекции и служи само за добивање политички поени. Беше посочено дека првпат доцни исплатата на социјалната помош, туѓата нега, исплатата на „Мој ДДВ“, а стагнираат и платите, иако власта се фали со раст на БДП во третиот квартал.
-Живееме во различна димензија. Кога зборувате ова трета економија , читајте Швајцарија е 42-ра, Германија 47-ма и да почнеме да ги жалиме Швајцарциве и Германциве како живеат. Пошто ние овде, не да ги донесеме овде во државава, за гревота како живеат тие нека дојдат во Македонија. Е таа е различната димензија. Јас зборувам за тоа што е бројка е реално во буџетот, рече Митрески од СДСМ.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска вчера, во своето експозе пред пратениците, рече дека проекциите за 2026 година укажуваат на континуитет на економската стабилност и раст, заснован на одговорни фискални политики, инвестиции во инфраструктура и човечки капитал, како и поттикнување на продуктивноста и конкурентноста на домашната економија.