Skip to main content

Отворен балкан

Утре одлука за учество на самитот на ЕУ

Утре претпладне ќе ја донесеме финалната одлука за нашето учество на ЕУ-Западен Балкан самитот во Брисел, информираше премиерот Ковачевски.
 |  инфодеск  | 
Ковачевски видео средба

Премиерот Димитар Ковачевски денеска на неговиот официјален Фејсбук профил информира дека во пресрет на претстојниот ЕУ-Западен Балкан самит денеска одржал вонреден состанок на Отворен Балкан заедно со неговите колеги, српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама.

Разговаравме за националните позиции на секоја од земјите, регионалните перспективи како и за динамиката на евроинтеграцискиот процес. Се согласивме дека по дополнителни интерни консултации, утре претпладне ќе ја донесеме финалната одлука за нашето учество на ЕУ-Западен Балкан самитот во Брисел – напиша Ковачевски на Фејсбук.

Тој додаде и дека разговарале и за повеќе теми кои се важни за регионот и покренале иницијатива за Агенција за привлекување инвестиции на Отворен Балкан, која ќе овозможи дополнителен економски развој за регионот. Тема на разговор, како што посочи, бил и претстојниот саем за храна вино и туризам кој треба да се одржи во Белград, како и повеќе други теми кои произлегле од последниот Самит на Отворен Балкан кој се одржа во Охрид.

Претходно Вучиќ објави на Инстаграм дека разговарал со Ковачевски и Рама и дека се договориле по консултациите со владите и советниците утре напладне да објават дали ќе присуствуваат на самитот.

Претставниците на ЕУ, кои го организираат Самитот во Брисел за РСЕ велат дека очекуваат сите поканети да учествуваат на состанокот. Лидерите на шесте земји од Западен Балкан се поканети да присуствуваат на самитот на ЕУ закажан за четврток и петок.