Увозници на овошје и зеленчук, маркети и аптеки казнети поради целосно непочитување на одлуките за ограничување на маржите

Инспекторите на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) активно спроведуваат контроли кај трговците на големо и мало во согласност со одлуките на владата за ограничување на маржите и цените на основните производи.
Во периодот од 24. февруари до 6. март 2025 година, 50 инспекторатски тимови извршиле 365 надзори кај правни субјекти во трговијата на мало и 64 надзори кај трговијата на големо,односно увозници и дистрибутери, опфаќајќи над 1.000 продажни места.
„Досега, констатирани се 36 неправилности според законот за трговија и законот за заштита на потрошувачите, а над 30 предмети се во фаза на обработка и анализа. Издадени се прекршочни платни налози за казни во вкупна вредност од 42.000 евра. Инспекторите кај осум правни субјекти откриле целосно непочитување на мерките на владата, вклучувајќи трговци на мало, големо, аптеки и увозници и дистрибутери, за кои се издадени решенија за привремена забрана за вршење на дејност и парична мерка согласно големината на правниот субјект.“ – изјави на прес конференција денеска Влатко Стојковски – Директор на ДПИ.
ДПИ најави дека ќе продолжи со засилени контроли кај увозниците, производителите, маркетите, аптеките, како и бензинските пумпи, пиљарите и тобака.
Директорот на ДПИ, Влатко Стојковски, истакна дека мерките на владата генерално се почитуваат, но апелира до трговците доследно да ги почитуваат законите бидејќи глобите за непочитување се движат од 500 до 10.000 евра, но и забрана за вршење дејност.
„ Би сакал да ги поттикнам граѓаните сите неправилности кои ќе ги забележат да ги пријават на тел број 191 или на веб страната на државниот пазарен инспекторат.“ – апелираше Стојковски.
Според измените во законот за заштита на потрошувачите, кои стапуваат на сила во април, сите правни субјекти во трговијата на мало кои имаат над 10 вработени, се обврзани да ги објавуваат цените на своите производи на веб-страниците и истите да ги ажурираат на дневна основа. Дали објавените цени се исти со тие на рафт ќе мониторира пазарниот инспекторат. 192 инспектори има на целата територија на државата и неопходно е сериозно зајакнување на капацитетите на инспекторатот, посочи директорот.
Latest Македонија
