Skip to main content

Владата донесе одлука за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски

Како причини за иницијативата се наведуваат направени крупни професионални грешки при раководењето со Јавното обвинителство, што довеле до нарушување на неговата ефикасност и функционалност, како и неовластено изнесување на информации и податоци за судски предмети, со што била повредена обврската за заштита на тајноста на постапката.
 |  инфодеск  | 

Владата на денешната седница усвои предлог за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски и ќе го достави до Собранието.

Портпаролката на Владата, Марија Митева, попладнево во изјава за медиумите рече дека со предлогот за разрешување на Коцевски од функцијата, Владата ја продолжува постапката која согласно законските ограничувања била привремено стопирана за време на изборниот период.

Нашата цел останува недвосмислена јакнење на правната држава и обезбедување на непречено функционирање на органите на прогон во служба на граѓаните, изјави Митева.

Таа додаде дека Владата, врз основа на член 88 став 1 од Законот за јавно обвинителство и по добиено мислење од Советот на јавни обвинители, му предлага на Собранието да го разреши Коцевски од функцијата јавен обвинител на Република Македонија.

Како причини за иницијативата се наведуваат направени крупни професионални грешки при раководењето со Јавното обвинителство, што довеле до нарушување на неговата ефикасност и функционалност, како и неовластено изнесување на информации и податоци за судски предмети, со што била повредена обврската за заштита на тајноста на постапката. Дополнително, се посочува и нарушување на угледот на Јавното обвинителство и личниот углед на Коцевски, како и непостапување согласно обврските утврдени со Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во Собранието.

Митева нагласи дека овој чекор е неопходен за одговорно, принципиелно и транспарентно владеење и заштита на институциите во служба на граѓаните.